Архитектите на компанијата MIA architecture го дизајнирале својот нов деловен простор, кој всушност е адаптација и проширување на постојната куќа изградена во 70-тите години на минатиот век. Новиот волумен е создаден од постојната куќа, која се наоѓа на малку повлажен терен, опкружен со густа вегетација. Токму таа служела како инспирација за целиот проект.
Имено, најинтересната одлика на овој објект во белгискиот град Бофеј е фасадата изработена од целосно рефлексивно огледало со цел, според архитектите, да „исчезне“ во неговата околина.
Благодарение на големиот рефлектирачки капацитет на фасадното обложување, новата куќа од 60 квадратни метри целосно се меша со околината, а стаклата на прозорецот исто така се рефлектирачки, така што внатрешноста може да се види само во мракот, пишува Archdaily.
Основата на куќата, како и нејзината висина се одредуваат според поранешната конструкција, како и околните објекти. Огледалата се поставени на метална потконструкција и така е направена фасада што ја рефлектира природата.
Пристапот до куќата е организиран преку решеткаста рампа, што води кон дрвена влезна врата.
Зад рефлектирачката фасада стои канцеларискиот простор на MIA, како и сала за состаноци и технички простории.
Новата куќа е изработена со употреба на дрвени рамки, со елементи дебели 30 до 36 сантиметри и исполнети со изолација, што ја прави зградата исклучително енергетски ефикасна. Овој конструктивен принцип исто така го намалил периодот на изградба на околу три месеци.