Градот Скопје ја пушти во употреба велосипедската патека на улицата Никола Парапунов која беше реконструирана оваа есен, како дел од градежната офанзива за 2020 година. Оваа велосипедска патека е во должина од 580 метри и претставува важен конектор на двете главни велосипедски рути во Скопје кои се протегаат по должината на булеварите Партизански одреди и Илинден.
“Оваа велосипедска патека е четврти конектор меѓу Илинденска и Партизанска. Три конектори се направени во последниве две години, како што го развивавме проектот „Вело Скопје“. Инвестирајќи во велосипедските патеки, годинава успеавме да надминеме 100 километри велосипедски патеки во нашиот град“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Оваа патека, додава Шилегов, е всушност добар мотив сите заедно да почнеме да работиме на измена на нашите навики, наместо автомобил да користиме велосипед, зашто тоа е побрз и поздрав начин на движење, а во услови на пандемија и попрепорачлив начин на движење.