Насловна / Вести / Европската комисија го одобри спојувањето на Fiat Chrysler и Peugeot

Европската комисија го одобри спојувањето на Fiat Chrysler и Peugeot

Европската комисија го одобри спојувањето на компаниите Fiat Chrysler (FCA) и Peugeot (PSA), под  услов двете компании во целост да ги исполнат обврските кои ги презеле за заштита на правилата за конкуренција на Европската унија. Одобрението на Европската комисија доаѓа после детална анализа на предложеното спојување на двете компании, кои спаѓаат меѓу водечките производители на автомобили во светот. Спојувањето ќе резултира во создавање на четврта по големина автомобилска групација во светот, која ќе го носи името Stellantis.

Stellantis1

Комисијата соопштува дека во текот на испитувањата, изразена е загриженост дека спојувањето би можело да ја загрози конкуренцијата и да ги подигне цените на пазарот на лесни доставни возила во девет земји од Европската унија, во кои двете компании имаат голем пазарен удел. Станува збор за Белгија, Чешка, Франција, Грција, Италија, Литванија, Полска, Португалија и Словачка.  Со цел да се спречи нарушувањето на европските правила за конкуренцијата, компанијата Peugeot S.A ќе го прошири постоечкиот договор за соработка со европскиот огранок на компанијата Toyota (Toyota Motors Europe) за производство и продажба на лесни доставни возила на овој бренд, и делови за истите, на пазарот на ЕУ. На тој начин, според оценката на Европската Комисија, Toyota ќе биде во состојба ефикасно да се натпреварува и со идниот автомобилски гигант Stellantis. Fiat Chrysler и Peugeot се обврзале и да го изменат меѓусебниот договор за „поправки и одржување“ на патничките и лесните доставни возила, со што мрежата на сервиси на двете компании ќе стане полесно достапна и за конкуренцијата.

Stellantis2

Одлуката за спојување ќе треба на 4-ти јануари да ја потврдат акционерите на двете компании, а со новата здружена компанија FCA – PSA ќе управува извршниот директор на Peugeot. Се очекува процесот на спојување на двете компании да биде завршен до крајот на март. Stellantis ќе има капацитет да произведува 8,7 милиони автомобили годишно, по што ќе биде зад Toyota, партнерството Renault – Nissan и Volkswagen. PSA ќе има 6 од вкупно 11 членови во Управниот Обдор на компанијата Stellantis. Италијанско – американскиот производител Fiat Chrysler има седиште во Велика Британија и ги произведува познатите автомобилски брендови Fiat, Chrysler, Jeep, Alfa Romeo, Lancia, Abarth, Dodge, Ram и Fiat Professional. PSA чие седиште е во Франција, произведува патнички и лесни доставни возила од брендовите Peugeot, Opel, Citroën, Vauxhall и DS. Двете компании во 2019 година заедно вработувале над 400.000 луѓе.

stellantis3

Испрати коментар

Scroll To Top