Со порастот на бројот на жители во градовите, иноваторите бараат нови начини за одгледување храна, со што е можно помала потрошувачка на ресурси како што се земјиште и вода. Едно од решенијата кое се воведува ширум светот се вертикалните фарми, на кои посевите се произведуваат на повеќе нивоа и најчесто во строго контролирана средина. Неодамна во Копенхаген е отворена една таква фарма која е најголема во Европа. Имено, една цела индустриска хала е трансформирана во простор за вертикално одгледување на салати, зачински билки и кељ. Зеленчукот ќе биде одгледуван на 14 етажи, кои се протегаат од подот до покривот, а планирана е берба 15 пати годишно, и покрај тоа што културите не растат на почва ниту добиваат сончева светлина. Ваквиот систем зазема помалку простор во однос на традиционалното одгледување, а како замена за сончевата светлина се користи ЛЕД осветлување.
Верикалната фарма се простира на површина од 7.000 m2. Од компанијата порачуваат дека за две години во неа ќе може да се одгледува и плодоноснен зеленчук, а за 5-10 години и коренест зеленчук. Инаку, оваа фарма е резултат на соработката помеѓу Nordic Harvest и тајванската групација YesHealth, и ќе се стреми кон годишно производство од 1.000 тони зеленчук.
Но, овие објекти не биле добредојдени од страна на земјоделците, кои сметаат дека ќе се доведе во прашање нивното работење, а ја посочиле и големата потрошувачка на електрична енергија поврзана со овој концепт на земјоделство. Од друга страна, заинтересираните компании ги истакнуваат позитивните фактори, како што се: одгледување на земјоделските култури во близина на потрошувачите, користење на зелена енергија, исклучена употреба на пестициди и сл.
Треба да се спомене дека според податоците на Светска банка, во 2016 година околу 37% од копнената површина на Земјата е употребена за земјоделство. Но, климатските промени може да ја загрозат достапноста до земјиште за оваа намена. Од Светската програма за храна предупредуваат дека една четвртина од земјоделските површини е деградирана, што ја доведува во опасност безбедноста на храната.