Европската комисија ја претстави својата Стратегија за одржлива и паметна мобилност, по која ќе работи на зелена и дигитална трансформација на системот на сообраќај во Европската Унија. Замислата е до 2050 година, во тој сектор емисиите да се намалат за 90%, во согласност со Европскиот зелен договор. Во оваа визија, планирано е користење на беспилотни возила и летала кои не се штетни за животната средина, како и обезбедување на пристап до супербрз јавен превоз. Веќе до 2030 година, на пазарот би можеле да се појават товарни бродови без емисии на стакленички гасови, додека за тоа време технологијата на навигација на возилата би требало да биде во масовна употреба. Во рок од пет години после крајот на тековната деценија, ќе започне и продажба на големи летала на водород и сличен „зелен“ погон. За авионите и пловилата се планираат аеродроми и пристаништа исто така со нула емисии, а за нивниот развој ветени се субвенции.
Концепцијата на хајперлуп (hyperloop) исто така е вклучена во Стратегијата и се планира да биде во комерцијална употреба. Осмислен од Илон Маск, за овој вид на превоз веќе се работи на соодветната инфраструктура не неколку локации ширум светот. Понатаму, речиси сите автомобили, комби возила и автобуси, до 2050 година треба да работат без емисии на јаглерод диоксид, а обемот на сообраќај преку железницата двојно да се зголеми. Се развива мултимодална Трансевропска мрежа за сообраќај (TEN-T) за одржлив и паметен превоз со големи брзини. Меѓу целите поставени за следните десет години се: 30 милиони автомобили без емисии на европските патишта, 100 климатски неутрални градови, а патувањата на растојанија до 500 километри да бидат јаглеродно неутрални.
Стратегијата е децидна дека оваа трансформација треба да биде првенствено „фер“ и дека никој не смее да биде запоставен. Клучно е мобилноста да биде достапна за сите, а сообраќајот да овозможи добри услови за општеството во целина, врабоување и сл.