Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека ќе биде организиран референдум со цел внесување на одредби за заштита на климата и зачувување на животната средина во францускиот Устав. Обраќајќи се на членовите на Граѓанската конвенција за клима (La Convention Citoyenne pour le climat) , Макрон прецизирал дека оваа реформа најпрво треба да биде усвоена од страна на Националното Собрание и Сенатот. Ако овие планови се реализираат, тоа ќе биде прв референдум во Франција од 2005 година. Користењето на референдумот за „воведување на концептите за биоразновидност, животна средина, борба против глобалното затоплување и сл.“, во членот 1 од Уставот се наоѓа меѓу предлозите поднесени од Граѓанската конвенција за клима.
Организациите за заштита на климата ги предупредуваат владите ширум светот дека мора да преземат одлучни чекори за намалување на емисиите на стакленички гасови. Генералниот секретар на ОН предупреди дека светот не е на добар пат кон исполнување на климатските цели договорени во Париз во 2015 година.