Од списокот на објектите прогласени за културно наследство на Македонија, според евиденцијата во Регистарот на културното наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН), може да се констатира дека се регистрирани 1.235 објекти и места заклучно со 30.9.2014 година. Сепак, ако ги посетиме местата и локациите на овие објекти ќе се соочиме со поразителна состојба. Многу од регистрираните објекти се урнати, а некои дури и воопшто не постојат, така што бројката е значително помала. За да се има вистинска слика за ова културно богатство, мора стручните лица на УЗКН и на Националниот конзерваторски центар (НКЦ) да излезат на терен, на самото место да ја констатираат фактичката состојба. А, потоа да се изврши и корекција во списокот на регистрирани објекти. Во прашање не е само бројката на заштитените објекти туку и како се спроведуваат заштитата и грижата за регистрираните – прогласени објекти за културно наследство.
И покрај голем број стручни лица, инженери, конзерватори и инспектори што ги вложуваат своето знаење, напор и ентузијазам во зачувувањето и валоризацијата на објектите, евидентна е негрижата, и тоа од повеќе аспекти. Пред сè, тука се мисли на одржувањето и задржувањето на културното наследство објектите во состојба на целовитост и функционалност, односно чување и систематско надгледување на состојбата на заштитените добра. Особено треба да се внимава на архитектонско-градежните промени и на урбанистичките проблеми од соседните објекти, односот со природната околина, визурите, кои се нарушуваат со новоизградените објекти.
ДВА ЛОШИ ПРИМЕРА ВО СКОПЈЕ
За тоа како се однесуваат најповиканите, Управата за заштита на културното наследство на Македонија, Националниот конзерваторски центар и сопствениците на заштитените објекти, нека ни послужи примерот со два објекта со исклучителни вредности од нашето културно богатство регистрирани во Скопје на територијата на Општина Карпош. Станува збор за два објекта изградени во различни временски периоди со разлика од 856 години. Имено, тоа се објектот на Државниот архив на град Скопје и манастирот „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези.
Манастирот е изграден во 1164 година и спаѓа во типот на црквите со впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. При градбата на црквата е користен локален градежен материјал – обичен кршен камен во комбинација со тули, при што врвните неимари со големо мајсторство ги претвориле во полихромни површини. Тие, пак, создаваат впечаток дека објектот пораснал како една монолитна камена стена. Завршницата на објектот е уште поимпресивна со една средишна осмострана купола и четири помали странични куполи. Живописот, пак, во овој храм има многу значајни композиции, а композицијата „Оплакувањето Христово“ е предвесник на ренесансата во Италија. Црквата заедно со конаците опколена со високи ѕидови претставува еден манастирски комплекс со темелна архитектонска и духовна вредност.
Зградата на Државниот архив на град Скопје е изградена во 1968 година и претставува една ретко видена архитектонска композиција проектирана со низок и висок габарит. Нискиот габарит е проектиран од два вкрстени паралелопипеди поставени еден над друг, а високиот од четиристрана призма со висина од осум ката. Посебен акцент е ставен на бетонските ѕидови и на цврстите столбови, кои со својата ребресто-трепетлива структура на натур-бетонот во ентериерот и во екстериерот асоцираат на намената на објектот и наедно предизвикуваат чувство на сигурност и стабилност кај вработените и посетителите. За овој извонредно и фантастично проектиран објект од професор Георги Константиновски може слободно да се каже дека претставува една уметничка скулптура, која трајно го облагородува современиот македонски простор. Затоа и доби многу награди и признанија, како на пример Борбината плакета и наградата „11 Октомври“.
ПОТРЕБА ОД ПОГОЛЕМО ВНИМАНИЕ И КОНТРОЛА
На овие објекти, како регистрирано и заштитено културно богатство, потребно е да им се посвети поголемо внимание, контрола и заштита од страна на најповиканите, како и вложување на потребните средства. Меѓу другото, овие објекти ја наметнуваат потребата околниот простор да се сообрази со нив, пред сè од визуелно-естетски причини.
На објектот на Државниот архив на град Скопје се вршат недозволени градежни работи. На рамните покриви од објектот се изведени и монтирани коси лимени покриви, кои се видливи на фасадата. Исто така, сменета е постојната надворешна бела браварија од црна боја во бела боја, со што е нарушено колоритното решение на објектот. На покривот се монтирани антенски предаватели за мобилна телефонија за потребите на некој мобилен оператор, а на повеќе места и фасадата е оштетена. Со ДУП за овој реон е овозможено на мала врата да се гради една станбена зграда, сосема блиску до источната страна на Архивот. Станбената зграда воопшто не е вклопена во постојниот амбиент на заштитениот објект. Зградата го задушува Архивот од визуелно-естетски аспект. Што ќе се случи ако и на северната и на јужната страна на Архивот почне да се гради во согласност со некој набрзина донесен ДУП, а реакцијата изостане од страна на УЗКН? Ќе се скрие од погледите на јавноста еден од најзначајните објекти на македонската современа архитектура, слично како што се правеше во блиското минато со слични објекти во Скопје.
Слична е состојбата и со манастирскиот комплекс во Нерези. Во моментов изгледа неуреден, со помошни објекти и натстрешници, кои не може да бидат дел од заштитеното културно богатство на манастирската црква и постојните конаци. Има оштетувања на фасадата и на партерот, паркинзите се нечисти, а кучиња скитници шетаат на сите страни. Но пред сè, како можеше да се дозволи кичерајскиот надмен комплекс „Македонско село“ да се гради во срцето на Водно, да се лоцира токму над манастирот и да ги затвори најубавите визури, петтата фасада и птичјата перспектива кон заштитениот објект. Новоградбата просто го надвисна и јавна постојниот архитектонски и духовен објект. Некој како да сакаше да го фрли во сенка повеќестолетниот архитектонски бисер, а за тоа беа потрошени милиони евра. Барем една десетина од тие средства да беа потрошени за манастирот во Нерези ќе имавме заштитен објект од полето на културата по сите светски стандарди, со кој ќе се презентиравме и ќе се гордеевме во обединета Европа.
Со овие укажувања сакам да сугерирам за наоѓање патишта за интеграција на заштитените и новоизградените објекти. Поточно за нивна архитектонска и урбанистичка интеграција, за амбиентална и органска сплотеност. Потребни се постојан присет и незаборав за нашите архитектонски бисери, да ги заштитуваме, одржуваме и да ги афирмираме.
Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.