По изјавата на претседателот Xi Jinping, дека Кина ќе биде јаглеродно неутрална до 2060 година, оваа земја сега ги објави деталните цели за својата нискојаглеродна и енергетска транзиција до 2030 година. Кина ќе го зголеми уделот на нефосилните горива во примарната потрошувачка на енергија на околу 25%, додека вкупниот капацитет за производство на енергија од ветер и сонце ќе се зголеми на над 1.200 GW, изјавил претседателот Xi на виртуелниот состанок на самитот за климатските амбиции на 12-ти декември. Оваа цел ќе додаде најмалку 75 GW во капацитетите на ветер и сонце, на моменталата годишна стапка на раст од 10,2%.
Земјата исто така ќе ја намали емисијата на CO2 по единица БДП (јаглеродна интензивност) за над 65% од нивото од 2005 до 2030 година, додека истовремено ќе го зголеми подрачјето под шуми. Јаглеродната интензивност на Кина, минатата година била намалена за 48,1% во однос на 2005 година.
За постигнување на зацртаните амбициозни цели, ќе бидат потребни поцврсти политики од моменталните. Намалувањето на јаглеродната интензивност е таргетирана на 60-65% во стратешката енергетска политика која кинеската влада ја донела во 2017 година, а нефосилните горива имале за цел удел од 20% во примарната енергија до 2030 година. Се очекува индустриските субјекти да посветат повеќе внимание на иновациите во технологијата на складирање на електриична енергија и во подобрување на енергетската ефикасност на своите системи. Патоказот за енергетската транзиција на земјата е претставен во октомври, преку извештајот објавен од страна на Институтот за климатски промени и одржлив развој на Универзитетот Tsinghua во Пекинг. Притоа, на владата и е советувано да ги следи политиките кон нефосилните горива, со цел до 2030 тие да достигнат удел од 24,3-28,6% во примарниот енергетски микс, при што уделот на јагленот треба да падне од сегашните 57% на 43-46%. Сепак, иако уделот на производните капацитети на јаглен е намален на 51,8% во 2019 година, јагленот и натаму е водечки енергент со учество од 62% во вкупното производство на енергија.