Шеесеттите години од минатиот век биле многу интересни за урбанистите. Градот морал да се редефинира. Урбаната популација во светот растела толку брзо што градовите буквално се задушувале во тој раст. Овој проблем бил особено присутен во Токио, па не изненадува што токму тамошните архитекти понудиле храбри и напредни модернистички решенија во урбанизмот, кои се интересни дури и денес, половина век подоцна.
Светската патувачка изложба насловена „Градови кои се борат со урбанизмот: од јапонските урбанистички проекти од 60-тите“ пристигна и во Скопје. Беше отворена вчера во Музејот на град Скопје, како дел од програмата со која се одбележуваат 20 години откако Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи. Но тоа не е единствената алка со која изложбата се поврзува со Македонија. Освен за јапонските метрополи, беа презентирани решенијата подготвувани и за други градови во светот (Бразилија, Абуџа, Чангдун), а тука неизбежно ќе се најде и Скопје со планот на Кензо Танге по земјотресот во 1963 година.
„На изложбата можете да видите како Токио ги решаваше своите проблеми, но и како тие решенија се применети во светот, вклучувајќи го и Скопје“, истакна на отворањето Казу Лешниковска, почесната конзулка на Јапонја во Македонија.
Инаку, изложбата е составена во 2010 година, а нејзин автор е архитектот Наохико Хино. Главни „ѕвезди“ се делата на метаболистите со нивниот органски пристап во архитектурата, но тука е и планот за Токио на Кензо Танге и други. Познато е дека повеќето од овие експериментални дела не се извеле, но некои сепак биле реализирани. Најатрактивна поставка е секако макетата за градови во воздух на легендарната архитектка Арата Изосаки.
Изложбата има четири тематски дела: Историјата на идеалниот град, Амбициозни урбани проекти во Јапонија, Светски градови од 60-тите и 70-тите и Проблематиката на градовите од нашето време.