Насловна / Арт и дизајн / Курбиново ја продолжува традицијата на престолничката комнинска уметност

Курбиново ја продолжува традицијата на престолничката комнинска уметност

Како еден од многуте македонските средновековни бисери, чиишто фрески се инстантно препознатливи, црквата Св. Ѓорѓи во с. Курбиново последниве години редовно се појавува во нашите дневни актуелни теми. Деновиве, веста за посетата на црквата од страна на министерката за култура и започнувањето на првата фаза од толку неопходната санација и заштита на архитектурата и живописот, е повод да се потсетиме за значењето на Курбиново за средновековната уметност во Македонија и пошироко. Се надеваме дека проектот за конструктивно зајакнување на архитектурата, подигањето и промената на кровот, инјектирање на ѕидовите и конзервациските операции врз живописот ќе ги санираат проблемите што настанаа од долгогодишната запоставеност на објектот.

1

За наша среќа живописот во Курбиново е скоро во потполност сочуван, а имаме остатоци од фрески и на западната фасада. Архитектурата е релативно едноставна и со скромни димензии, но значајно за одбележување е постоењето на малтерисана и насликана фасада која ја покривала ѕидаријата од тула. Вообичаено фасада од малтер и тенка тула изѕидана во необични керамопластички форми, која сo леснотија ја идентификуваме како типична византиска, неретко била во потполност малтерисана и насликана со мотиви кои имитираат тула, т.н. opus cloisonne.

 1571px-Kurbinovo_2

Малата, еднокорабна црква е посветена на кападокијскиот великомаченик св. Ѓорѓи, чија велелепна фреска го краси северниот ѕид, наспроти величествениот Христос на јужниот ѕид. Оваа шема на украсување на најдолната зона каде патронот на храмот е на едниот надолжен ѕид, а на спротивниот ѕид е Христос, сам или со Богородица и Јован Крстител, опкружени со свети војници, ќе стане иконографско правило кое ќе го среќаваме во средновековните цркви на територијата на Охридската архиепископија. Кусиот натпис на источната страна од изѕиданиот олтарен жртвеник го сочувал датумот на започнување на живописувањето – април 1191 година. Оштетените остатоци од ктиторската композиција, сè уште видлива на западната фасада, нудат скудни информации за четири фигури. Двете од нив според раскошната облека и империјални инсигнии од истражувачите беа именувани како Исак II Ангел (1185 – 1195) и неговата унгарска сопруга Маргарета (Марија). Останатите две најверојатно им припаѓаат на највисокиот ешалон великодостојници на охридската архиепископска столица. Едниот од нив е колебливо идентификуван како охридскиот архиепископ Јован Каматир, чии роднини заземале значајни административни и црковни позиции и биле во блиски врски со владејачките царски династии Комнени и Ангели. Четвртата личност, која пак според заемниот сооднос на сите фигури во сцената, најверојатно била самиот ктитор на црквата, за жал ќе остане неименувана. Едно е сигурно, средновековниот човек ги полага сите свои надежи за спасение во доблесниот земен живот. Но, преку инвестирање сопствени средства во подигањето сакрални градби, на чии ѕидови се слави Божјиот син во сиот раскош, се трудел да го зачува своето име за вечност.

3261px-Викиекспедиција_Преспа_360

Од аспект на уникатност на некои иконографски сцени и мотиви ќе наброиме неколку. Поклонувањето на архијереите на Агнецот, сцена позната уште и како Мелисмос, која е насликана во олтарот е најстариот сочуван примерок на оваа композиција во византиското сликарство и ја воведува истата во иконографските програми на повеќето подоцнежни средновековни споменици. Оваа сцена вклучува елементи од современата литургиска пракса и го пресликува ритуалот кој свештените лица го обавуваат во текот на секојдневното свештенослужење. Појавата на портрети на солунските браќа св. Кирил и Методиј и нивниот ученик св. Климент, сведочат за силината на нивниот култ врз словенското население и значењето кое им го придавале охридските прелати на локално ниво. Појавата уште на неколку светители во рамките на програмата е од исклучително значење како св. Марина и св. Ефросин, св. Ана ја дои Богородица, пустиножителот Онуфриј и светите врачи Пантелејмон, Козма и Дамјан, како и шест претстави на свети жени (св. Варвара, св. Недела, св. Катерина, св. Текла, св. Петка и св. Теодора), што сведочи веројатно за влијанието на женскиот член од ктиторскиот квартет. Симболиката на голем број од композициите во Курбиново е во контекст на Божјата Теофанија – Богојавување. Богојавувањето пред верниците е со цел да се истакне спасителската улога на семоќниот Бог. Една од тие сцени е и Визијата на пророк Даниел, пропратена со триесет пророци чии текстови испишани на свитоци го најавуваат доаѓањето на синот Божји. И другите Христолошки сцени имаат детали кои симболички нè потсетуваат на Христос кој е спасител на човечкиот род.  Позадината на голем број сцени е збогатена со архитектонски елементи и растителни мотиви преземени од престолничките минијатури од овој период кои служат да го симболизираат рајот, како конечна цел на секој христијански верник на патот кон спасението.

3261px-Викиекспедиција_Преспа_368

Сликарот на Курбиново ја продолжува традицијата на престолничката комнинска уметност изложена во Нерези, како најубав репрезент на тој престолнички стил. Одликата на овој стил издолжени, витки тела, развиорени облеки, графицистички решенија за косите и брадите и нагласени колористички акценти врз лицата, во Курбиново се уште понагласени и се доведени до маниризам. Раката на истиот зограф неколку години порано ја препознаваме и во црквата Св. Врачи во Костур, и таа е дел од една групација споменици меѓу кои и костурскиот Св. Никола Касници, каде што можеме да го следиме развојот на оваа доцнокомненска естетика.

3261px-Викиекспедиција_Преспа_371

Курбиново е споменик во диоцезата на Охридската архиепископија. Иако е на периферијата од големите уметнички центри, неговото сликарство е курентно, витално и во дослух со најновите уметнички случувања во престолничките сликарски ателјеа. Непознатиот ктитор со својот завет, покрај желбата за одбележување на своето име, го сочувал и споменот за еден од најталентираните уметници на XII век во Европа. И на крајот да потсетиме дека т.н. „Ангел од Курбиново“ кој ја краси македонската банкнота од 50 денари е токму Архангел Гаврил од олтарот на Курбиново по кој овој споменик е познат и надвор од границите на Македонија.

д-р Петрула КОСТОВСКА (историчар на уметност)

09-gavril-kurbinovo

1431px-Викиекспедиција_Преспа_373

Испрати коментар

Scroll To Top