На својот годишен самит во Ријад, групата 20 најразвиени и големи земји во брз развој, даде ветување дека ќе се фати во костец со климатските промени. Но, Climate Transparency Report открива дека ниту една членка на Г20 не е на пат да придонесе кон целта за ограничување на глобалниот пораст на температурата на помалку од 1,5 степени Целзиусови до крајот на векот. „Спречувањето на деградацијата на животната средина, зачувување, одржливото користење и обновување на биодиверзитетот, зачувување на нашите океани, поддршката за чист воздух и чиста вода, соочувањето со природните катстрофи и екстремни временски настани како и климатските промени, се меѓу најитните предизвици на нашето време. Додека се опоравуваме од пандемијата, посветени сме на заштита на нашата планета и изградба на иднина која ќе биде поодржлива за животната средина и поинклузивна за сите луѓе“, соопштиле 19 држави и Европската унија.
Ова е прв пат после три претходни собирања, учесниците да најдат заеднички јазик по прашањето на климатските промени. Г20, после ријадскиот самит се обврза на намалување на емисиите и поддршка на технолошкиот развој на инфраструктурата поради поквалитетни инвестиции и поприфатливи резултати на полето на животната средина.
Споменатиот извештај сепак ја истакнува можноста ЕУ да ја усвои целта за намалување на емисиите со ефект на стаклена градина во опсегот помеѓу 55 и 60% до 2030 година и така да се приближи до целта за ублажување на климатските промени. Бразил предничи во проекцијата за емисии во секторот производство на електрична енергија за оваа година, со пад од 16,1%, а следува Германија со пад од 15,4%. Франција најлошо котира, бидејќи предвидува раст од 6,2%. Кина е втора од дното на табелата, бидејќи се очекува во 2020 да ги намали емисиите за само 0,1%.