Американскиот технолошки гигант Microsoft соопшти дека планира да вработи дополнителни 200 инженери во Ирска, и во таа земја да воспостави нов глобален инженерски центар на компанијата. Во моментот, Microsoft има околу 2.500 вработени во Ирска. Новите вработени ќе бидат ангажирани во областа на cloud технолошките решенија за клиенти ширум светот. Станува збор за тенденција Ирска да стане „центар на иновациите“ на компанијата.
Ирските корпоративни даноци се меѓу најниските во Европската унија, па оваа држава веќе подолго време е омилена дестинација за американските компании кои го шират својот бизнис во Европа. Facebook и Google се речиси „домашни“ во Ирска каде имаат свои европски седишта. Неодамна Apple ја одбележи својата 40-та годишница од работењето во вториот најголем ирски град Корк.