Кантонот Сараево започна со подготовка на десетгодишна стратегија за ограничување на употребата на јaгленот, со цел намалување на екстремното загадување на воздухот, а првиот чекор ќе биде попис на сите индивидуални ложишта – печки и котли на територијата на градот. Главниот град на Босна и Херцеговина, на овој начин покажува дека има намера сериозно да се позанимава со овој проблем кој го загрозува здравјето и животот на граѓаните. Во прилог на оваа заложба одат уште неколку активности, како што е субвенционирање на граѓаните за замената на старите печки и котли на јаглен, како и истражување на геотермалните води со цел нивно вклучување во топлификацискиот систем. Во соопштението на кантоналните власти, се истакнува дека не е можно позначајно подобрување на квалитетот на воздухот без системски и стратешки пристап во производството на топлинска енергија за греење, и без категорична забрана на употребата на јагленот и другите цврсти горива. Како што се соопштува, поради нецелосност на потребните влезни податоци, на изработката на оваа стратегија ќе и претходи попис и изработка на регистар на сите индивидуални ложишта во Кантон Сараево на GIS подлоги. Пописот ќе биде спроведен со посетување на населбите и директно утврдување на видовите горива и карактеристиките на ложиштата, оџаците и начинот на дистрибуција на топлинската енергија. Изработката на оваа стратегија, помеѓу останатото опфаќа: пресметка на вкупните емисии и влијанието врз квалитетот на воздухот на сите индивидуални ложишта на цврсти горива со употреба на модел на дисперзија, анализи и давање предлози за унапредување на контролата на емисиите, унапредување на оџачарството, контрола и сертификација на печките и горивата кои се користат во Кантонот Сараево, анализа на изложеноста на населението, мерки за енергетска ефикасност во индивидуалните објекти, како и предлози за унапредување и измена на законската регулатива. Со стратегијата ќе биде предложен сет мерки групирани во три сценарија, и ќе биде спроведена анализа на ефектите од намалувањето на емисиите од сите одделни мерки, како и проценка на потребните средства за имплементација. При изборот и предлагањето на мерки, ќе се земат во предвид искуствата и практиките од најдобрите земји во ЕУ, но секако и локалните прилики и можности, се вели во соопштението.