Електраните на гас во ЕУ, кои нема да ги исполнат лимитите за емисии, нема да бидат третирани како инвестиции во одржлив развој, се наведува во нацртот на новите правила кои ги подготвува ЕУ. Ако се погледне нивото на ограничувањата кои се предлагаат, ниту една од веќе изградените електрани не ќе може да ги испочитува бидејќи нивните емисии се повисоки. Како што пренесува Reuters, ЕУ во моментот подготвува нацрт на пропис кој ќе ги обврзе финансиските институции да до крајот на 2021 година објавуваат кои инвестиции ги исполнуваат климатските критериуми и поради тоа можат да се рекламираат како одржливи.
Намерата на администрацијата во Брисел е преку воведувањето на нови правила да обзебедат инвестиции во проекти со ниски емисии на јаглерод диоксид, со цел постигнување на климатските цели на ЕУ. Имено, во септември 2020, Европската комисија предложи целта на ЕУ да биде намалување на емисиите за 55% до 2030 година, споредено со нивото од 1990 година. Исто така, ЕУ сака да биде климатски неутрална до 2050 година.
Целта на правилата е да се ограничи и greenwashing, што подразбира како зелени да се означуваат и инвестиции кои тоа не се. Во нацртот на новите правила се наведува дека гасните електрани не ќе смеат да имаат емисии повисоки од 100g/KWh со цел да можат да се категоризираат како инвестиции во одржлив развој, односно вложувања со значаен придонес во сузбивањето на климатските промени. Дури и најефикасните европски електрани на гас имаат емисии кои се три пати повисоки од овој лимит. Новиот пропис нема да забрани вложувања во проекти кои не ги исполнуваат критериумите на одржливиот развој на ЕУ, но јасно е дека овие проекти ќе имаат проблеми да обезбедат финансирање.