Насловна / Технологии / SOPA апокалиптична закана по Интернетот

SOPA апокалиптична закана по Интернетот

sopa-apokalipticna-zakana-thumb.jpgStop Online Piracy Act или во превод Акт за стопирање на онлајн пиратеријата е предлог-закон поднесен на 26 октомври мината година од страна на републиканецот Ламар Смит, а поддржан од група на 12 претставници (во моментов 31) од двете најголеми партии во американскиот конгрес. 

Со законот се прошируваат досегашните правни инструменти во борбата против кршењето на авторските права, интелектуалната сопственост и фалсификувањето на роба.
Добредојдовте во 2012 година. Пишман година – крај на светот. Или година – шанса за нов почеток. Ако работите во градежната индустрија, а веројатно работите, мирно сте вратени на работните обврски очекувајќи ги, помалку нестрпливо, владините проекти што ветуваат благосостојба. Сосема е извесно дека годинава најважни ИТ теми ќе ви бидат некои од следниве:
 Легализација на софтвери,
 Нова Аутокад верзија,
 Нов Виндоус оперативен систем,
 Замена на постојниот ИКТ инвентар со нов,  Купување на АјФон итн.

Но, надвор од нашето (условно земено) летаргично опкружување, западната хемисфера е во состојба на зголемен наплив на адреналин, што од радост, што од страв, што од гнев. Едноставно, премногу случувања. Случувања кои во секој случај (ќе)не тангираат и нас. Можеби најактуелен настан во месецов е гласањето за SOPA (Stop Online Piracy Act) во рамки на американскиот конгрес. Станува збор за еден контроверзен закон кој предизвика бура од реакции. Законот е еден од многуте обиди да и се стави крај на пиратеријата. Иако во американскиот законик веќе постојат низа акти кои ја регулираат оваа материја, пиратеријата никогаш сериозно не била уништена. 

sopa-apokalipticna-zakana-1.jpg

Дека пиратеријата, односно кршењето на авторските права е во фокусот на вниманието на американските политичари, покажува и фактот што неколку слични иницијативи веќе се влезени во процедура за донесување. PIPA (Protect IP Act) е сличен закон кој доби препорака од Правниот комитет на Американскиот конгрес, па се очекува негово донесување кон крајот на јануари 2012 година. Со него се предвидува поголема регулација на интернет сообраќајот. И покрај тоа што PIPA е доволно строг и ригиден, SOPA е каменот на сопнување. Закон кој по својата ригидност оди подалеку. Но, што е всушност SOPA? SOPA (Stop Online Piracy Act) или во превод Акт за стопирање на онлајн пиратеријата е предлог-закон поднесен на 26 октомври 2011 година од страна на републиканецот Ламар Смит, а поддржан од група на 12 претставници (во моментов 31) од двете најголеми партии во американскиот конгрес. Со законот се прошируваат досегашните правни инструменти во борбата против кршењето на авторските права, интелектуалната сопственост и фалсификувањето на роба. Она што е особено важно е што со одредбата 102 од SOPA и одредбата 3 од PIPA се дава надлежност на US Department of Justice (Министерството за правда на САД), како и на носителите на авторски права, да можат да побараат судски наредби насочени против СТРАНСКИ веб страници кои ја овозможуваат пиратеријата, а на некој начин се поврзани со САД. Судските наредби можат да побараат:
 Американските Интернет провајдери, односно Хостинг компании да ги блокираат таквите вебсајтови и да ја прекинат соработката со нив, 
 Американските компаниите за онлајн адвертајзинг (пр. Google AdSense), како и компаниите што овозможуваат онлајн плаќање (пр. PayPal) да ја прекинат соработката, 
 Американските пребарувачи (Google, Bing, Yahoo…) да ги стопираат/модифицираат линковите до тие веб страници.

Сепак, гореспомнатите одредби не важат за домените што завршуваат на .com, .net и .org бидејќи тие се "домашни" (американски), односно се издаваат и се во надлежност на американските институции, па како такви се подложни на постојните слични, но еднакво строги закони. Како илустрација, примената на постојните закони кои ја третираат оваа материја во САД направи 150 веб страници да бидат запленети минатиот месец. Запленувањето како законска опција е воведена во 2010 година, и досега се запленети огромен број на домашни веб страници, кои со оглед на тоа што огромен процент од интернет сообраќајот во светот се одвива низ американските сервери, односно голем број на американски компании се вклучени во најразлични интернет операции, јасно е дека ваквите закони ќе имаат ефекти врз целокупните интернет активности во светот.

sopa-apokalipticna-zakana-2.jpg

 Неповолните импликации ги препознаа и европските држави, кои во Европскиот парламент експресно донесоа резолуција, со која се осудува запленувањето на интернационални домени од страна на институциите во САД. Според резолуцијата, одредбите специфицирани во предложените закони ќе го загрози "интегритетот на глобалниот Интернет и слободата на комуникацијата". Со тоа, Европскиот парламент застана на листата на противници на SOPA. Во интернационалните медиуми беше прикажан случајот со шпанската компанија "Пуерто 80", чиј домен rojadirecta.org беше запленет од страна на американските власти, а истиот беше деклариран како легален од страна на шпанските судови. Многумина укажуваат на разликите помеѓу законите на различни држави. Тие разлики можат да бидат погубни доколку САД унилатерално ги спроведат предложените одредби.
 
ИТ ГИГАНТИ
Суштината на проблемот со донесувањето на SOPA лежи во нејаснотиите во самиот текст на законот, како и во широкото толкување на дефиниции и одредби во другите закони кои го третираат кршењето на авторските права. Накратко, SOPA е премногу строг кон прекршителите на овие права, па макар тие биле занемарливо мали/ небитни. На пример, теоретски, доколку на вашиот вебсајт има поставено слика која е предмет на авторски права кои не се запазени, носителот на тие права може да побара директно блокирање на вашиот сајт (се разбира доколку е хостиран или има домен под надлежност на американските институции), наместо да ви се изрече предупредување или известување. Кршењето на авторските права во голем дел од случаите може да биде случајно, ненамерно или направено од надворешни лица. Во секој случај, запленувањето на сајтот е драконска казна. Овие пропусти во SOPA можат лесно да бидат злоупотребени од трети лица, кои законот можат да го искористат за пресметка со конкуренцијата. Голем број на светски ИТ гиганти (како Google, Facebook, AOL, eBay, Yahoo, Mozilla, Twitter, Vimeo, LinkedIn, Wikipedia, Flickr, Consumer Electronic Association и други), веќе се пронајдоа во листата на коммпании кои прилично ќе страдаат од имплементацијата на ваквите закони, па започнаа агресивни кампањи против донесувањето на одредбите. Голем број на други компании меѓу кои и BSA (Business Software Aliance), организација која се бори против пиратеријата во светски рамки, ја искажаа својата загриженост околу определени прашања кои ќе ги поднесе SOPA. "Крај за Интернетот". "SOPA ќе не врати во еден век нананзад". "Крај за електронската трговија". "Збогум за слободата на говорот". "Две третини од Интернетот ќе згасне". "SOPA е неуставен". Ова се се реакции на реномираните опоненти меѓу кои има и значајни правници, ИТ експерти и експерти од областа на човековите права.
 
ХОЛИВУД
Сепак, овие иницијативи имаат и свои поддржувачи. Пред сè, тоа се големите филмски студија, медиа компании, трговски здруженија. Така на пример, Стопанската комора на САД во писмо доставено до угледниот "The New York Times", наведува дека престапничките вебсајтови загрозуваат 19 милиони американски работни места, и се одговорни за стотици милијарди долари штета. Конкретно, холивудските студија и издавачките куќи губат 135 милијарди долари секоја година, поради пиратеријата. MPAA (Motion Picture Association of America), односно филмската американска асоцијација, како и RIAA (Record Industry Association of America), односно издавачката американска асоцијација, заедно со Стопанската комора на Америка се најгласните поддржувачи и финансиери на оваа кампања. Познавачите на политичките прилики во американскиот конгрес се убедени дека SOPA ќе се донесе поради силното лоби. Очигледно политичарите што ја поддржуваат иницијативата не гледаат апокалипса во нејзиното донесување. Напротив, примерот со ограничувањето/контролирањето на Интернетот во Кина и неколку други држави, според нив докажува дека Интернетот ќе опстои и во специфични услови и ќе си ја пронајде вистинската форма. Независните експерти на иницијативата гледаат како војна помеѓу Холивуд и Силиконската долина, односно Entertainment (забавната) и ИТ индустриите. Според Холивуд, ИТ индустријата без да води сметка за останатите индустрии, на извесен начин ја поттикнува пиратеријата овозможувајќи ефикасни и напредни канали на комуникација, без да воведе соодветно филтрирање на истите. Силиконската долина пак, од друга страна, смета дека Холивуд никогаш не се потрудил да биде во тек со времето и да си ги заштити своите права преку создавање на напредни технологии и бизнис модели. Историјата кажува дека филмските студија и во минатото биле во судир со ИТ индустријата, пред сè обидувајќи се да го блокираат развојот на видеорекордерите и слично. Како и да е губитници ќе има. Дали и ние ќе бидеме меѓу нив, ќе покаже времето. Многу бргу.
 
Трајче Стојанов,
дипл.инж.арх. 

Испрати коментар

Scroll To Top