Соединетите Американски Држави денес официјално се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, пренесува „Ројтерс“.
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, достави официјално известување до Обединетите Нации за повлекување на САД од договорот, кое стапи на сила денес.
Овој потег ја доведува администрацијата на Трамп во конфликт со сите сојузници и големи конкуренти по прашањето за климатските промени. Трамп за првпат објави дека има намера САД да се повлечат од договорoт во јуни 2017 година, тврдејќи дека тој има негативно влијание врз американската економија.
Трамп е категоричен противник на договорот и ги повлече еколошките регулативи, велејќи дека тие го попречуваат бизнисот и им даваат предност на другите земји. Тој повеќе пати го доведе во прашање научното знаење за климатските промени.
Резултатите од претседателските избори ќе покажат колку таквата одлука ќе остане на сила. Кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, вети дека САД ќе се приклучат на договорот, доколку дојде на власт.
Патриција Еспиноза, извршна секретарка на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, рече дека повлекувањето на САД од договорот ќе остави јаз во глобалните напори за постигнување на целите на Париската конвенција.
Таа посочи дека ОН ќе бидат подготвени да им дадат поддршка на САД во секој обид повторно да се приклучат на Парискиот договор.
Според правилата, се што е потребно е известување еден месец порано дека земјата сака да се врати во Договорот.
Сепак, дури и ако САД се одлучат повторно да го направат тоа, нема да остане без последици, бидејќи тие сепак ќе бидат надвор од него и надвор од сите правила неколку месеци.
Велика Британија и ЕУ и генералниот секретар на ООН планираат на 12 декември, на петтата годишнина од завршувањето на преговорите за Парискиот договор да организираат настан на кој САД нема да може да учествуваат.
Парискиот договор беше потпишан во 2015 година од речиси сите земји за да се зајакне глобалниот одговор на заканата од климатските промени.
Целта е да се задржи глобалниот пораст на температурата во овој век далеку под 2 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа и да се продолжи со напорите да се ограничи зголемувањето на температурата за дополнителни 1,5 Целзиусови степени.