Шесткатната станбена зграда „Wohnregal“ е специфична по тоа што е изградена од бетонски префабрикувани плочи со столбови и греди што ги поддржуваат овие плочи за да создадат широко отворен простор. За изградба се користеле ТТ плочи од преднапрегнат бетон.
Некои катови немаат внатрешни носечки sидови и се протегаат на 13 метри од фасада до фасада. Постои можност за поставување на преградни sидови во внатрешноста на просторот за живеење, во зависност од потребите и желбите на станарите. Проектот за оваа зграда во Берлин го има направено архитектонското студио ФАР.
Фасадите на источната и западната страна се карактеризираат со застаклени врати од подот до таванот, кои ги претвораат тесните простори во покриени балкони и ходници. Лизгачки стаклени врати може да се отворат за да се овозможи природно проветрување на објектот. Надворешните скали се наоѓаат странично од зградата и се „затвораат“ со цик-цак мрежа од не’рѓосувачки челик, што на фасадата и дава посебен визуелен впечаток.
Одлуката за употреба на префабрикувани материјали била мотивирана од зголемувањето на цените на недвижностите во Берлин и желбата да се промени мислењето за сериската монтажна конструкција, што автоматски подразбира стандардизација на самата станбена единица. Индустриската монтажа нуди многу придобивки кога станува збор за техники на сериска конструкција, вклучувајќи заштеда на трошоци и пократки времиња на изградба, а исто така се осврнува и на прашањето за трошоците за изградба на станови воопшто. Соодветно на тоа, „Wohnregal“ нуди широк спектар на различни распореди и „ширина“ на урбаниот живот.
Оваа зграда е монтирана на самото место за само шест недели, а трошоците за изградба биле во просек по 1.500 евра за метар квадратен. Освен двете механички јадра, нема ограничувања во распоредот на подовите. Становите се со различна големина и варираат од 35 до 110 квадратни метри. Некои се свртени кон исток, а некои кон запад, додека некои единици се свртени од двете страни.