Најголемиот леден брег во светот, познат како А68а, треба да се судри со британската прекуморска територија Јужна Џорџија и Јужните Сендвички Острови.
Антарктичкиот гигант, со површина од 4.200 квадратни километри, е сличен по големина на прекуморската територија и постојат големи шанси ледениот брег да се заглави на него.
Ако тоа се случи ќе претставува голема закана за природното прибежиште на пингвините и фоките.
Многу животни ги користат островите како прибежиште за одгледување млади, а ледениот брег може да им го оневозможи ловот и хранењето, што може целосно да го промени екосистемот.
Покрај тоа, целиот жив свет што живее на плиткото дно во близина на островот ќе биде уништен од ледениот гигант.
“Екосистемите можат да бидат обновени и тие ќе го сторат тоа, но ако брегот се заглави, тој процес може да трае до 10 години“, изјави професорот Џерајнт Тарлинг за Би-Би-Си.
Британската прекуморска територија на Јужна Џорџија и Јужните Сендвички Острови е позната како гробишта на сантите мраз на Антарктикот, кои носат морски струи од Белиот континент.
А68а се отцепи од Јужниот пол во средината на 2017 година и оттогаш патуваше по „улицата на ледените брегови“ до британската прекуморска територија.