Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) објави нов извештај за количеството отпад во Медитеранот.
Скоро 230 илјади тони пластичен отпад завршуваат во Медитеранот секоја година, а тој број може да се удвои до 2040 година доколку не бидат преземени „амбициозни“ мерки, предупреди Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).
Египет со 74 илјади тони годишно, Италија со 34 илјади тони и Турција со 24 илјади тони се земјите што фрлаат најмногу пластика во Средоземното море, покажува новиот извештај на таа организација.
Ако погледнеме во количината на отпад што се отстранува по глава на жител, Црна Гора е во водство, со осум килограми годишно и Босна и Херцеговина и Северна Македонија, со три килограми годишно.
Вкупно околу 229 илјади тони пластичен отпад годишно се доставуваат до Средоземното море, што е 500 контејнери на ден, се наведува во соопштението на организацијата, пренесува Бета, повикувајќи се на Франс прес.
IUCN посочи дека лошото управување со отпад е одговорно за 94 проценти од пластиката пронајдена во морето.
“Без значителна интервенција, тоа загадување нема да престане да се влошува сè додека не се удвои и достигне 500 илјади тони до 2040 година“, оцени организацијата, наведувајќи дека треба да се преземат „амбициозни мерки“, поголеми од оние за кои земјите се обврзаа досега.
Загадувањето со пластика предизвикува долгорочно оштетување на копнените и морските екосистеми и биолошката разновидност, особено на морските животни, вели Мина Епс, директор на програмата за морски и поларни активности на IUCN, организација позната по својата листа на загрозени видови.
Според извештајот, подобро управување со отпадот во 100-те градови од најголемите загадувачи може да ги намали емисиите на пластика во Средоземното море за 50 илјади тони годишно.
Забраната на некои производи, како што се пластичните кеси, овозможува дополнително намалување на 50 илјади тони отпад.