Насловна / Архитектура / Професор Мирослав Грчев: „Скопје 2014“ е архитектонскиот Армагедон

Професор Мирослав Грчев: „Скопје 2014“ е архитектонскиот Армагедон

Интервју со архитект д-р Мирослав Грчев, редовен професор на Архитектонски факултет Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Grcev mala (1)_resize

Зошто предлог-планот за центарот на Скопје е само опфатот Мал ринг 1 (од десната страна на Вардар), а не е опфатено целото подрачје со делот на левиот брег, според мене функционално неделиви, а знаеме дека и тој дел од Мал ринг има многу незаконски упади?

Според Законот за просторно и урбанистичко планирање границите на планските опфати на деталните урбанистички планови се уредуваат во генералниот урбанистички план, зашто деталните урбанистички планови се плански документи со коишто генералниот план се спроведува. Така што, очигледната грешка во планскиот опфат на предлогот на ДУП за централното градското подрачје на Скопје – Мал ринг што беше на јавна анкета во јуни оваа година, а тоа е дека е опфатен само делот од Малиот ринг на десниот брег на реката Вардар, а не и на левиот брег – иако се работи за јасна урбана целина која дури и во своето име го содржи концептот на кружна целина околу Вардар споена во едно со Камениот мост – е најверојатно грешка направена во ГУП на Град Скопје од 2012 година. Зошто органите на Општина Центар не ја воочија и не се обидоа да ја исправат на наједноставен начин – со паралелно изработување и донесување на двете половини од Малиот ринг, како две постапки што би се воделе синхронично и би го третирале подрачјето на центарот на градот како една урбана целина, не ми е познато.

3_resize17

Координатор сте на Работната група која ги изработи елаборатите за неколку споменици, дел од т.н. „Проект Скопје 2014“, најголем дел сместени во Малиот ринг. За сите нив заедничко е дека ги кршат уставните одредби, кршат повеќе закони, како  Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, Законот за буџет, за градење, за просторно и урбанистичко планирање, за јавни набавки итн. Зошто тогаш во предлог ДУП Мал ринг 1 не се вцртани и означени како дивоградби?

Јас ја координирав работата на Работната група во рамки на мандатот што ми беше даден со решението на министерот за култура со кое групата беше формирана есента 2017 година, што значи дека тој – мандатот – завршува со изработката и предавањето на елаборатите на министерот. Во неколку наврати подготвивме и информации за Владата, но, за жал, во ниту еден случај не ми беше даден мандат да координирам и со активностите на Владата или на Општината Центар или на Градот Скопје што се однесуваат на постапувањето согласно предложените мерки во елаборатите и, воопшто, во врска со активностите што и други министерства и органи на државната и локалната власт требаше да ги преземат во справувањето со катастрофалните последици од т.н. „Проект Скопје 2014“.

Споменикот на Мајка Тереза и Порта Македонија покрај сите прекршени закони изградени се на градежно земјиште за општа употреба, планирано за сообраќајна инфраструктура, т.е. насред улица. За Мајка Тереза Министерството за култура во февруари најави дека ќе распише конкурс за пренамена на споменикот, а за Порта Македонија премиерот изјави: „не попречува пешачки ниту моторен сообраќај“. Мериторни ли се овие ставови?

Во своето Мислење за предлог ДУП-от Владата ги вгради и забелешките што Работната група ги даде во рамките на јавната анкета што се одржа во месец јуни, па сметам дека Општина Центар во процесот на разгледување на забелешките од јавната анкета ќе ги земе предвид, и во финалниот предлог-план ќе ги третира сите овие објекти како криминални дивоградби и ќе им даде планерски третман што соодветствува со нивната природа. Конечно, јавните и стручните анкети затоа и служат – да ја вклучат стручната и широката јавност во процесот на урбанистичкото планирање.

Од друга страна, мислењата и дискусиите на Владата или на нејзини министри се нивни лични и лаички мислења, зашто Владата нема надлежност да одлучува за овие прашања и, конечно, затоа што кредибилно и мериторно мислење за стручни прашања може да дадат само стручњаци и експертски тела од соодветните области.

4H5A1526_resize

Предлог-мерките на Комисијата покрај отстранување, рушење на спомениците и враќање на просторот во првобитна состојба се и отворање кривични предистражни постапки и понесување одговорност на сите лице вклучени во процесот на противзаконската реализација на т.н. „Проект Скопје 2014“. Но голем дел од луѓето вклучени во процесот, сè уште се на истите места во институциите, некои од нив и на раководни позиции. Како тогаш да очекуваме дека ќе се постапува по препораките од елаборатите?

Во елаборатите што ги изработи Работната група се детално наведени сите одлуки, решенија и постапки со кои се кршеа Уставот и законите и се смени идентитетот на нацијата; со кои од модерна, самосвесна и достоинствена нација – каква макар по инерција бевме до 2006 – по реализацијата на „Проектот Скопје 2014“ станавме нација на ретарденти, со тешки психички нарушувања во самоспознавањето на сопствениот идентитет и историја; со кои во очите на развиениот свет станавме егзотичен остров на ретроградни кичери, необразована балканска булумента што не знае да разликува убаво од грдо, ниту доблесно од злосторничко. Овие злостори се акрибично документирани во елаборатите, заедно со документите со кои се докажува – на болно очигледен начин – како се крадеа буџетските пари. Меѓутоа, за постапувањето или непостапувањето на органите на државата согласно нивните законски надлежности, односно согласно нашите препораки и предлог-мерки, Работната група не сноси никаква одговорност.

Од друга страна, од морална тегобност и разочарувања не можевме да се спасиме, но одамна решивме да си ја вршиме својата експертска работа и да не ја трошиме менталната и мотивациската енергија на очекувања. Конечно, елаборатите и нашите препораки се само стручен наод и мислење и немаат – очигледно – никакво правно или друго обврзувачко дејство, особено во земја во која гласот на последната будалетинка е во јавноста редовно посилен од оној на најискусниот експерт.

4H5A1473_resize

Во мислењето кое Владата го достави до Општина Центар за предлог ДУП Мал ринг 1, во еден дел се вели „да ги земе предвид сите укажувања за споменатите парцели, особено за градежна парцела ГП 1.16 (Мајка Тереза) и  градежна парцела ГП 5.60 (Шпански скали)“. На јавната анкета градоначалникот Богдановиќ изјави дека направени се елаборати, но стојат во фиоки, никој не презема правно дејство, а за Шпанските скали вели дека додека се води судски процес и додека тој трае не може да се избрише површината за градење од планот. Кој е начинот да се справат планерите со спорните споменици и површини за градење?

Судските процеси што се водат за некои од криминалните градби, отуѓени општи добра или споменици во никој случај не може да претставуваат причина тие ужаси да „не се гибаат“ во планот, и да го одржуваат антиградскиот и антиурбанистичкиот и секако – криминалниот статус кво и во иднина. Тоа е апсолутен нонсенс. Судовите не се надлежни за планирањето на градските простори, туку се тоа единици на локалната самоуправа. Процесите што се водат во судовите немаат никаква врска со постапките, начелата и добрите практики на урбанистичкото планирање. Така што, во деталниот урбанистички план треба безусловно и бескомпромисно да се уредат планските одредби со кои се обновуваат, уредуваат, востановуваат и заштитуваат општите добра – а тоа се пред сè јавните простори, реката и нејзиното корито, земјиштето за општа употреба што служи за пешачки и моторен сообраќај, зеленилото и јавните простори со зелена инфраструктура и градби во живо зеленило и сл.

4H5A1520_resize

Дали „Скопје 2014“ е единствениот проблем во ДУП Мал ринг? Во предлог-планот предвидени се површина за градење за нови државни институции. Може ли Мал ринг да издржи нови објекти?

Се чини како центарот на градот да не може „да дише“ од градби, но објективните показатели за густината на изграденост и интензитетот на искористеност на земјиштето – споредени со многу други метрополитенски параметри – се сосем скромни. Гледајќи низ бројки, во центарот може уште многу да се гради, доградува и да се менува, но поголем дел од ова чувство на заситеност доаѓа токму од чудовишното и изопачено планирање и градење во периодот од 2006 до 2012 – кога ДУП-от за Малиот ринг за потребите на разулавената партиска изградба на „Проектот Скопје 2014“ беше менуван дури десет пати! Со дијареично поставување на споменици и цели градби сред улици, плоштади и кејови – на јавни површини на кои никој нормален не гради – практично се постигна ова чувство на презаситеност и загушеност на скопскиот центар.

Инаку, како за пример, површина за градење што не е искористена и што беше избришана од планот во партиските изменувуања – а беше предвидена во ДУП-от за Малиот ринг од 1997 – е премостувањето на булеварот „Гоце Делчев“, кој грубо го одделува скопското Кале од подградието и интегрирање на тврдината и горниот дел од чаршијата со центарот на градот и со двата плоштади и Камениот мост. Овој зафат кој урбанистички значително би го унапредил центарот е сосем заборавен зашто беше избришан од планот уште во првите негови менувања, зимата 2006/2007. Значи, суштината на задушеноста на центарот е повеќе во малоумност, некадарната изградба, значи до неквалитетот и разбојничкото приватизирање на јавни простори, отколку што тоа е случај со самиот квантитет.

4H5A1418_resize

Во предлог-планот Мал ринг 1 предвидено е паркирање под плоштадот за околу 500 возила каде се пристапува со рампи од три улици (на едната на пат и е споменикот Мајка Тереза). А за влез во подземната гаража на објектот на Телеком сè уште се вози по „Кеј 13 Ноември“.  Дали е ова одржливо решение?

Право да ви кажам, не сум го разгледувал и анализирал планот од аспект на квалитет и физибилност на сите негови решенија…. и тоа од едноставна причина: јас не сум одреден за стручен ревидент на планот, ниту пак ми бил доставен за мислење, а во истото време бев и сум професионално буквално презафатен.

Од друга страна пак, урбанистичкиот план за Малиот ринг – оној што е работен од 1991 до 1996 и донесен во 1997 година – е моето најмило планерско чедо, безмалку животно дело, така што во текот на деценијата од неговото касапење и силување (2006 – 2016), а и овие разочарувачки три години колективна неспособност да се пристапи кон обновување на градот по разорната катастрофа, развив одбранбена техника на „незаинтересираност“ за планерските и градителските злодела, исто како што веќе цела деценија го одбегнувам центарот на Скопје, што првите четири децении од мојот живот ми служеше како средиште на мојот микрокосмос. Принципот „далеку од очите – далеку од срцето“ сепак има некаква веродостојност, па мене ми помогна да го преживеам страдањето на Скопје без преголеми ментални оштетувања… или обратно, тоа што за оштетувањата не сум ни свесен, укажува дека одбраната не ми била успешна, а оштетувањата испаднале фатални, хахахаха…

Но, мора да се каже дека решенијата за подземни улици и други содржини потекнуваат од претходните два генерални урбанистички планови на Град Скопје од 2002 и од 2012, па во предлог-ДУП-от на Мал ринг нивната разработка е веројатно задолжителна… меѓутоа, како што реков, не правев детална анализа на планот, па не можам ниту мериторно да коментирам.

Често се споменува дека „Скопје 2014“ е дело на еден човек, поранешниот премиер. Јас не се согласувам со ова, затоа што овој проект не можел тој да го реализира сам. Во целиот процес се вклучени планери, архитекти, останати инженери, вработени во институции, стопанството. Треба ли да се лоцира одговорноста поединечно? Треба ли конечно да реагира и Комората и да постапи во сè според сопствениот Статут и Кодекс на професионална етика?

Прашањето за поединечната одговорност на оние што ја злоупотребиле власта е секако важна, но за мене е сосем ирелевантна, особено ако се земе предвид дека реализацијата на „Скопје 2014“ е само површински симптом на една тешка и веќе хронична – нема да погрешам ако речам автоимуна – болест на целото македонско општество. Конечно, за да се реализира само овој налудничав проект, целиот уставен поредок морал веќе да биде изопачен и сменет, зашто во него – заедно, координирано, ефикасно и безгласно – учествуваа институциите на сите три власти, потоа и локалната власт, агенции и дирекции, обвинителства и инспекторати, сите обединети во една извршна власт; понатаму, во оваа реализација учествуваа – активно или пасивно – стручните фели, стопанството, медиумите… практично целото општество.

Гласовите против беа ретки и нејаки, а власта ги користеше како псевдодемократска декорација на авторитарниот режим. Всушност, последниве три години – откога „се ослободивме“ од режимот на ВМРО – силните отпори јавно и институционално да се осудат овие урбанистички, архитектонски и скулпторални злостори, и да се пристапи кон нивното отстранување и дислоцирање се многу, многу поголеми отколку што тоа беше отпорот – политички, стручен или граѓански – што македонското општество го произведе во годините на нивното градење. Неспособноста на општеството и институциите на државата да го направи и првиот чекор кон културното и цивилизациското возобновување е очигледен доказ дека сме длабоко оболено општество коешто веќе не може да ги препознае ниту контурите на сопствените темелни вредности. Конечно, за три години се измислија и пласираа во јавност 16 милиони причини зошто не може да се отстранат спомениците на злото, додека за десетте години од нивното градење општеството не успеа да исцеди ниту една причина поради која не смееле да се градат, ниту пак еден вистински гест на противење на нивното градење (освен, се разбира, протестот на студентите по архитектура во 2009).

4H5A1437_resize

Доколку се постапи во сè според елаборатите изработени од Работната група, го решивме ли проблемот со „Скопје 2014“? Мене спомениците ми се најлесниот дел од проблемот. Што правиме со објектите, не станува збор само за архитектонско обликување, туку и за функцијата на објектите, оние недовршените или објектите како што се Архивот, МНР, Јавно обвинителство, колонадата пред МОБ…?

Како што објаснив претходно, не мислам дека што било е решено со елаборатите што ги изработи Работната група, а за неприфатливата и сосем бесмислена низа на градби што го затнаа сиот јавен простор на левиот брег на Вардар, особено во потегот од бетонскиот мост (како што некогаш го викавме), кај хотелот Холидеј ин, па до Камениот мост, за нив не се дозволува ниту да се расправа. Како нивна заштита, партиската мафија што го реализираше „Скопје 2014“ не употреби „заштитни имиња“ – како што тоа го направи со спомениците – туку во нив „газ преку глава“ набута меѓусебно некомпатибилни институции, со врвно национално и државно значење: Министерство за надворешни работи, Јавно обвинителство, Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј. Се разбира дека сите тие градби се дивоградби – како и другите од славниот „проект“ – и се срам и за македонската култура и за македонскиот урбанизам и архитектура, и дека идеално решение е да се исчистат од кејот како и другите дивоградби, но очигледно овие се „премногу големи за да пропаднат“, па за нив не се ни зборува…

Секако, ова не ја исклучува ниту индивидуалната вина, ниту групната вина на струката, како впрочем и на другите струки и поголеми социјални идентификациони формации (општина, град, држава), со чиешто учество, соучество, тивко одобрување, безгласно комформистичко неслагање и сл., ова ужасно изобличување на скопскиот центар, и воопшто, на престолнината, се реализираше. Најголемиот срам и најголемата струкова одговорност е на нашата архитектонска струка која ги регрутира и планерите и проектантите на овој одвратен профашистички, евтин и неморален кич. „Скопје 2014“ е архитектонскиот Армагедон, буквално крајот на македонскиот архитектонски свет, по кој воопшто не ми  е јасно како, дали воопшто и кога ќе закрепнеме. Се разбира, за тоа време, никој не се чувствува повикан да мрдне со прстето и да ги санкционира кршењата на сите стручни и струковни етички правила.

Урбанистичкото планирање кај нас се сведува на неколку планерски куќи, со неколку архитекти и планови добиени на јавна набавка, каде главен критериум е најниската цена и задоволување на интересите на инвеститорите, проследено со корупција. Нели сметате дека планирањето веќе стана државен проблем, кој за да се разреши неопходен е обемен, професионален тим од повеќе планери, архитекти и останати инженери кои под капа на државата, градот, општината ќе планира професионално? Имаме ли ние доволно планери, урбанисти, архитекти, кои можат да одговорат стручно?

Сè што правевме последните 30 години, беше да се демонтира и уништи системот на општествени институции за просторно и урбанистичко планирање, републичките и градските заводи кои беа сериозни институции со стотици искусни стручњаци од многу различни дисциплини. Потполната приватизација на урбанистичкото планирање не му додаде ниту еден бозон на квалитетот на планирањето, но таква беше парадигмата на неолибералистичката приватизација на целото општество.

Додека го пишував Законот за урбанистичко планирање, се обидов да ги вратам градските заводи за урбанистичко планирање, имав и предлог за државен институт за урбанизам, но отпорите – како политички, така и во фелата – беа огромни, така што во законот помина една мека опција за формирање јавна установа за планирање што можат поголемите градови да ја воспостават како стручна поддршка на нивните политики на урбанистичкиот развој. Некаква можност за институциско зајакнување на урбанистичкото планирање е отворена, но можеби е тоа премалку, и, се разбира, може да се покаже и дека е предоцна.

4H5A1542_resize

Во мислењето кое Владата го достави до Општина Центар се вели: „Овој план е визија за тоа како треба да изгледа центарот на Скопје, како иден и нов европски главен град“. Независно од правните проблеми, постои ли став на Владата и спремност да се справи со „Скопје 2014“? Под тоа подразбирам рушење на спомениците, објектите кои се нефункционални и враќање на фасадите на објектите кои беа преобликувани? Значи прашувам за спомнатата визија на Владата, секако во консултација со професионалци.

Ова прашање треба да ѝ се постави на Владата, а не мене, па морам да потсетам дека Мислењето на Владата беше изготвено и испратено од техничката влада пред изборите, а дека сега – без оглед на политичкиот и персоналниот континуитет – сепак имаме нова влада што ги брои своите први сто дена.

DSCF9822_resize

Испрати коментар

Scroll To Top