Насловна / Вести / Дваесет годишнина на Меѓународната вселенска станица

Дваесет годишнина на Меѓународната вселенска станица

На растојание од 250 километри од Земјата, Меѓународната вселенска станица (ISS), веќе две децении без прекин претставува дом на меѓународните тимови на астронаути. Први на станицата стигнале американецот Бил Шепард и руските космонаути Сергеј Крикален и Јуриј Гизденко. Тоа се случило на 02.11.2000. Меѓународната вселенска станица е тешка околу 420 тони, долга е 109 метри и орбитира околу Земјата околу 16 пати дневно. Досега во неа престојувале 240 астронаути. Сместувањето на станицата вклучува шест спални, две бањи и теретана, а најголема атракција е т.н „Купола“ – комплекс од широки прозорци низ кои се гледа секој настан нa Земјата, од бурите до изгревањето на Сонцето.

iss1

iss4

Единствениот британски астронаут кој бил на ISS, Тим Пик, бил голем обожавател на „Куполата“, бидејќи тврди дека погледот низ неа му помогнал да сфати колку е кревка и чувствителна нашата планета. Во интервју за BBC, тој рекол: „ Оттаму се гледа атмосферата на Земјата, која е широка само 16 километри. Целиот гас кој не одржува во живот е сместен во тој тенок слој. Одеднаш сфаќате дека е исклучително важно како се однесуваме, и дека треба да внимаваме како и на кој начин го загадуваме тој простор.“

iss2

НАСА разгледувала планови за изградба на вселенска станица која трајно би орбитирала околу Земјата уште во осумдесетите години на минатиот век. Сепак, поради висината на проектираните трошоци, овој потфат не бил изводлив сé до падот на Советскиот сојуз, кога започнува соработката помеѓу НАСА и Русија. Руските инженери веќе имале значајно искуство во долготрајните вселенски мисии, особено со вселенската станица „Мир“. „Тоа исто така беше прагматичен потег на САД“, смета професор Ану Ојха, директор на Националниот вселенски центар во Лестер. „Америка сакаше да ја ги спречи советските вселенски стручњаци да бидат ангажирани од некоја друга земја во екот на распаѓањето на Советскиот сојуз. Затоа настојуваа да ги вклучат во заедничка вселенска програма. ISS беше совршена прилика за тоа“, вели Ојха. На крајот, САД и Русија се договориле за планот за изградба на ISS, по што канадската и јапонската вселенска агенција се придружиле на проектот, заедно со Европската вселенска агенција, чиј клучен член е Велика Британија. Монтажата на станицата почнала во 1998 година, и биле потребни повеќе од 30 летови на аметиканските вселенски бродови и 40 руски ракети за да се испорачаат сите компоненти и модули до станицата пред нејзиното целосно завршување во 2011 година. Со години, астронаутите биле преокупирани со изградбата на станицата и дури од неодамна целосно се посветени на научните истражувања, вклучувајќи и изведување на над 3.000 експерименти во соработка со илјадници научници на Земјата. Конечната пресметка за изградбата на ISS, изнесувала 100 милијарди УСД. Станицата годишно троши по 4 милијарди УСД за одржување и сервисни летови. Најголем дел од овие трошоци се покриени од страна на САД.

iss3

iss7

Стручњакот за планетарни науки, професор Јан Крафорд од Универзитетот “Биркбек“ во Лондон верува дека „ISS e фантастичен пример на меѓународна соработка на највисоко ниво во моментот кога на светот очајнички му требаат примери на проекти кои можат да обединат различни стручњаци и нации. А сознанијата за тоа како да се живее и работи во вселената, ќе ни бидат многу драгоцени со оглед на тоа дека се подготвуваме за можно испраќање на луѓе на Марс“. Но, постојат и научници кои имаат сосема поинаков став. “Нема начин за да се оправдаат огромните трошоци вложени во ISS“ истакнува астрономот сер Мартин Рис. „Како прво, научниот придонес на станицата е многу мал. Дознавме по нешто за тоа како реагира телото на долготрајниот престој во вселената, одгледувани се неколку кристали во услови на нулта гравитација, но тоа никако не може да биде сразмерно на десетиците милијади долари потрошени за ISS“, заклучува Рис. „Многу подобро би било НАСА да ги потрошеше тие средства на лансирање на робот-мисии на други планети или изградба на орбитални опсерватории“, додава Рис. Овој став го застапува и физичарот и нобеловец Стив Вајнберг, од Универзитетот „Тексас“ во Остин. „Единствениот интересен научен експеримент направен на ISS беше проучувањето на космичките зраци со помош на алфа магнетен спектрометар, но астронаутите немаа никаква улога во неговото изведување“ вели Вајнберг. „Беспилотна мисија ќе можеше да го реализира експериментот многу поефтино“, додава Вајнберг.

Сепак, една од клучните лекции научени од повеќемесечниот престој на астронаутите на ISS, е онаа за влијанието на нултата гравитација врз човековото тело. Имено, воочени се проблеми со загуба на мускулна маса, намалување на густината на коските, како и оштетувања на видот и сетилото за вкус. Утврдено е дека на астронаутите им биле потребни и по неколку години за да ја вратат нормалната густина на коските, после 4-5 месеци минати на мисија во станицата. Од друга страна, со користење на ленти за трчање и справи за дигање тегови, астронаутите успевале да ги ублажат најлошите ефекти од атрофијата на мускулите.

iss5

iss6

НАСА би требало да продолжи со финансирањето на ISS уште четири или пет години, а тогаш таа би требало, како што се надеваат од НАСА, да премине во сопственост на некоја приватна компанија која ќе се грижи за станицата на комерцијална основа. НАСА би се ориентирала на финансирање на мисии за истражување и населување на Месечината, а можеби еден ден и за испраќање на луѓе на Марс.

Во меѓувреме, ISS е посакувана дестинација и за индустријата за забава. Глумецот Том Круз и режисерот Даг Лајман, би требало следната година да одат до станицата со капсулата на Space X, со цел да снимаат сцени за акционен филм. Исто така, најавената риалити програма Space herо, најавена за 2023 година, планира да го испрати победникот на ISS. Дали ваквите комерцијални потфати ќе бидат доволни за обезбедување на потребните средства за одржување и управување со станицата, останува да покаже времето. Доколку тие средства не се доволни, а во меѓувреме станицата не премине во приватна сопственост, алтернативата е демонтажа на ISS.

Испрати коментар

Scroll To Top