Насловна / Вести / Повторно пред Уставен суд мораториумот во Општина Центар

Повторно пред Уставен суд мораториумот во Општина Центар

Во архивата на Општина Центар стигнало писмо од Уставниот суд. Од локалната власт се бара најдоцна неделава до Судот да ја прати одлуката за мораториум и да одговори на наводите на двајцата иницијатори од Охрид, Александар Илиоски и Игор Влакевски, дека суспендирањето на плановите е незаконско.

план1_resize

На крајот на 2017 година Општина Центар прогласи мораториум на вкупно 31 детален урбанистички план. Чекорот значеше забрана за нови одобренија за градба сѐ додека не се преработат старите планови, постапи по забелешките од комисијата, се согласно законите и Генералниот план на градот. Градежните компании се пожалија пред Уставниот суд, но иако спорот почна неповолно за локалната власт, Центар го задржа мораториумот. Сега во нова иницијатива до Уставниот суд – повторно се бара во Центар да се гради по старо.

„Со оспорената одлука, Општина Центар ги доведува во нееднаква правна положба граѓаните што имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните на другите општини. Во смисла на ограничување на правото непречено да ги уживаат правата, вклучително и правото на градење“, се вели во иницијативата до Уставниот суд.

план_resize

А градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели: „При крај сме со одговорот за иницијативата до Уставен каде што јасно ќе дефинираме од каде ја црпиме таа правна сила за да може да донесеме таква одлука. И тогаш ќе се доведеме во ситуација, ако Уставен каже ‘вие не сте надлежни тоа да го правите’, тогаш ние да го прашаме кој е надлежен да спроведува план кој не е усогласен со одредени параметри“.

Претседателот на Градежната комора и еден од инвеститорите, Ивица Јакимовски, вели дека тие не ја поднеле новата иницијатива, но се согласни дека мораториумот е незаконски и дека процесот заглави предолго, што на градежниците им донело загуби од половина до една милијарда евра. Убедува дека градежниците не се тие што ги попречуваат новите детални урбанистички планови, но вели и дека нема да дозволат да им се намалат површините за градење нацртани во старите планови, односно т.н. „стекнато право“. Тој изјави: „Не постои барање од ниту една компанија во моментот да бара да ѝ се зголеми повеќе од тоа што го има во моментот, никој не бара. Доколку постојат услови и општината процени дека треба да се зголеми, ние нема да кажеме ‘не зголемувај, зголеми го’. Но, претходно тоа што си го имал како сопственост, да го намалиш, тоа е недозволиво и тоа не може да помине“.

ив_resize

Но, на претседателот на Градежната комора како да не му е јасно дека „стекнатото право“ никој не му го одземал. Под тоа право се подразбира право на градење, кое не е одземено, само времено стопирано, затоа што во Општина Центар се преработуваат дел од плановите, кои не се во согласност со законите и ГУП-от.  „Стекнатото право“ за кое говори не значи стекнато право на метри квадратни за градење. Право на метри квадратни се стекнува откако истите ќе се изградат и впишат во Катастар, се дотогагаш се идно право, кое може да претрпи промени поради нестручни и незаконски урбанистички планови. Така да изјавата дека не барале повеќе изграденост е недозволива, бидејќи станува збор за помала изграденост и бруто развиена површина добиена со предходен план, која може да се намали во новите планови, согласност законите, стандардите за урбанистичко планирање и ГУП на град Скопје.

треска_resize

Постапката за некои планови трае долго, доскорешната претседателка на Советот на Општина Центар и граѓанска активистка Јана Белчева, вели дека не гледа вина кај локалната власт. Вели, се соочуваат со апсурдна ситуација – планерските фирми кои ги најмува општината за изработка на детални планови не ја слушаат локалната власт. Таа изјави. „Некои планови се заглавени зашто очигледно е немањето волја на некои од планерите да постапуваат по забелешките на стручните тела и стручната комисија на одделението за планирање кои совесно си ја работат својата работа, останувајќи на принципите што треба да се коригира во плановите“.

Целата сторија можете да ја видите тука.

Извор: 360степени.мк

Испрати коментар

Scroll To Top