Копенхаген како крајбрежен град е често на удар на бури, а во последните години, како последица од климатските промени, временските непогоди пропратени со големи количини на дожд, стануваат зачестена појава и предизвикуваат големи поплави. Големиот „климатски парк“ во овој град е дизајниран така што во текот на временските непогоди може да складишти над 22 милиони литри вода, и на тој начин да ги спречи поплавите на улиците и преоптоварувањето на канализационата мрежа.
Паркот е изграден во дваесетите години на минатиот век, а репроектиран е со цел во резервоарите да можат да се складиштат големи количини на вода. Со оглед дека се наоѓа на височинка, одлучено е да се направат насипи од трите страни на паркот, кои служат како ѕидови на базенот. Четвртата страна се наоѓа на највисокиот дел, и таа е отворена со цел на тоа место водата да може да продре во паркот и тука да се задржува.
На насипот се поставени капии кои во текот на убавото време служат како влез во паркот, а автоматски се затвораат во случај на голема бура. Делови од паркот, како што се терени за голф и хокеј, се вкопани неколку метри, па и тие можат да служат како резервоари за вода. Во оној момент кога канлизацискиот систем е подготвен да прими поголеми количини вода, капиите се отвораат и водата полека истекува. Со оглед дека овој систем се покажал како многу ефикасен, Копенхаген планира уште 300 слични проекти. Но, и други градови разгледуваат воведување на сличен систем. На пример Ротердам има плоштад кој во суви денови служи како кошаркарско игралиште, а во дождливите денови станува базен за акумулирање на вода. Кога во градовите нема површини кои би можеле да се „претворат“ во резервоари за вода, добро решение се бариерите против поплави.