Насловна / Архитектура / Горливи проблеми и урбани промашувања

Горливи проблеми и урбани промашувања

Вест на денот „СЕ РУШИ дивоградбата пред трговскиот центар Мавровка“. Требаше ли воопшто ова да биде вест? Додека цели три месеци јавноста демократски се занимаваше со овој проблем, некаде никнуваат нови дивоградби меѓу многуте веќе постоечки и меѓу повеќепати продолжуваниот Закон за постапување со бесправно изградени објекти, популарно наречен легализација на дивоградби.

IMG_20200902_120814_resize

Следејќи го урбаниот хаос во градот неминовно се наметнува прашањето за стручноста и компетентноста на соодветните институции и сектори кои се занимаваат со архитектурата и урбанизмот во нашата држава. Сведоци сме на површно и инвеститорски ориентирано планирање во градот, кое видливо не разрешува, туку предизвикува проблеми и го загрозува правото на квалитетно живеење и квалитетна животна средина. Во центарот на градот извршен е атак на веќе созданениот амбиент кој со децении ги еманципирше луѓето за нивното културно наследство, ги навикнуваше на актуелен културен модел на постојните климатски услови и на архитектурата. Ако не се следи правилото на континуитет настанува неред и застој, градот се отуѓува од себе и немоќно гледа на текот на времето.

Изминатиот период беше обременет со теми од архитектурата и урбанизмот за кои се водеа расправи и дебати на ниво на струка, се искажаа компетентни и некомпетентни ставови и мислења, се дебатираше по социјалните мрежи и на јавни ТВ-трибини. Тоа треба да радува бидејќи логиката вели дека сите дебати треба да завршат со некакви решенија.

10

Ми се редат пред очи сите отворени теми за кои очекував исход: Расадник, локацијата Треска, рушењето на спомен-обележјето на Мајка Тереза, Старата скопска чаршија како значајно културно и архитектонско наследство, Универзална сала. И додека сите овие теми се отворени, без конкретни решенија, а галиите сѐ уште стојат заглибени во Вардар (една само што не ја срушиле велат од Градот), ме збуни градоначалникот на Скопје. На плоштадот никна „гробница“ на која е поставена плочата која е обележје на родната куќа на Мајка Тереза, а претходно веќе имаше плоча која беше суптилно вградена во самата улица. Нејасно е зошто и од каде потребата за ваква интервенција? Можеби треба да нè охрабри фактот што се направија некои чекори за решавање на дивоградбите со интервенциите во случаите на Мевљудин и Нефи, ама има уште многу такви и затоа нема простор за оптимизам. Сериозно ме загрижува фактот што Град Скопје којшто претендира да стане „Град на културата“ не се зафати со систематско и сериозно средување на центарот и на централното подрачје.

4_resize

За локацијата Расадник изработен е детален урбанистички план (ДУП) кој по многу основи беше спорен и за кој се искажаа компетентни стручни мислења. Деновиве повторно е ставен на јавен увид, при што процедурата за усвојување тече. Ако се пропушти шансата единствената слободна јавна површина да се претвори во парк, жителите на оваа населба можат да се простат од услови за здраво и хумано живеење.

8_resize

За локацијата Треска, за која е изработен ДУП кој исто така по многу основи е спорен и за која после многу стручни дебати Општина Центар требаше да распише конкурс за урбанистичко-архитектонско решение, нема на повидок знаци за решавање на проблемот. Откако претседателката на Советот на Општина Центар даде оставка заради разногласие и несогласување со Советот и со градоначалникот на Општина Центар, се чини дека Општината е заглавена во институционално-правни лавиринти кои проблемот го туркаат во заборав. А инвеститорите кои ја купиле локацијата под одредени услови од ДУП-от, чекаат да истрчаат со зградите „наполитанки“, спремни на сè за да го одбранат своето право да градат. Право кое никој не им го ни одзема, но тие мислат дека и однапред стекнале право на квадратни метри и безброј катови.

2_resize

Старата скопска чаршија и заштитата на културното и архитектонско наследство е приказна од голем формат која лебди ни на небо ни на земја. Радува изјавата на новата министерка за култура Ирена Стефоска дека приоритет ќе ѝ бидат проблемите од оваа сфера.

Споменикот на Мајка Тереза во изградба, поставен на влезот на улицата „Орце Николов“ на плоштадот, е дивоградба и требаше ’безпоговорно‘ да се сруши. За оваа солуција се изјасни стручната фела, комисијата при Министерство за култура достави и елаборат, се изјаснија и граѓаните. Градоначалникот сѐ уште калкулира со парите кои се потребни за рушење и парите потребни да се догради. И додека се размислува во што да се пренамени сосема непотребниот објект под изговор дека за рушење проблем се финансиите, небаре пренамената е бесплатна, на плоштадот никнува новото спомен-обележје во вид на „гробница“. Не можам да се начудам кој креативен ум го смисли ова со образложение да не се гази тревата. Ако тревата беше проблем, плочата можеше да си остане каде што е, а до неа да се направи дискретна патека. Рака на срце, ова со Мајка Тереза веќе ми буди непријатност во душата. Во центарот на градот на улица „Македонија“ веќе има спомен-куќа во нејзина чест (без оглед што архитектурата е контроверзна), има и скулптура од еминентниот скулптор Томе Серафимовски и сметам дека тоа е сосема доволно. Повеќе од тоа веќе води кон деградација не само на просторот, туку и на нејзината личност, која промовираше и живееше скромно во текот на целиот свој живот.

11_resize

Универзална сала стана синоним за прашањето „како до нова концертна сала?“ Дебатата за Универзална сала почна да зема чудни емотивно-политички правци, што во голема мерка ги предизвика градоначалникот Шилегов со објавување конкурс за парк и летна сцена. После сите дискусии, стручни дебати, јавни трибини и дебата од затворен тип на која беа поканети експертите од областа на културата и неколку невладини организации, преовлада искристализирано мислење дека Универзална сала треба да се реставрира заедно со партерот во нејзината изворна форма и содржина и да служи за помали културни настани. Мислам дека тоа треба да се случи што побргу ако сакаме да не се сруши сама од себе. Не се потребни конкурси, референдуми, ниту трошења на непотребни средства и време. Потребно е да се изготви проектна програма и ангажира проектанско биро способно да го направи проектот. Со сите пари што досега беа дадени на конкурсни решенија ќе беше реконструирана досега. Но, да не се враќаме наназад. Пак сум збунета од изјавата на градоначалникот. После сите исцрпени демократски механизми тој вели дека сега се во оптек не една, туку три идеи за судбината на Универзална, а поважно било да се изгради нова концертна сала на нова локација која ќе биде триумф на македонската архитектура и репер на Скопје. Како архитект ме радува идејата за изградба на ваков објект. Градот има потреба од мултифункционална концертна сала со поголем капацитет. Но, ова е сосема друго прашање кое не треба да се спојува со проблемот на Универзална. Тој нов објект на нова локација ниту може да се поистоветува со Универзална, ниту да се именува по неа, ниту пак да се третира во истиот пакет на финансиски средства со неа. Според архитектонската наука и пракса на таков голем и значаен проект од културата би требало да му претходи стручна тимска анализа од најрелевантните институции, а локацијата треба да ја одредат стручните институции од областа на урбанизмот по детална анализа на просторните можности, потреби и услови диктирани од сите релевантни параметри на градското планирање. Градоначалникот нема ниту знаење, ниту компетенции да ја одредува локацијата. Особено сакам да потенцирам дека за ваков објект речиси е задолжително да се распише меѓународен конкурс. Тоа е и шанса Македонија да го направи допирот со авангардните визии во архитектурата, а македонските архитекти да ги измерат своите способности во меѓународна конкуренција. Впрочем ако се осврнеме само во соседството ќе видиме дека таков тип на објекти добиваат авангардни решенија на меѓународни конкурси. Еди Рама за театар во центарот на Тирана го повика данскиот архитект Бјарк Ингелс и меѓународно афирмираната фирма Bjarke Ingels Group (BIG). Градот Бања Лука за својата мултифункционална концертна сала распиша меѓународен архитектонски конкурс, каде меѓу членовите на жирито беше и славниот Борис Подрека. На конкурсот учествуваа 110 труда од 38 држави, а првата награда ја доби архитектонскиот тим од Белград, во кој членува и еден Македонец. Сакам да го спомнам и можеби најпровокативниот објект на мултифункционален културен центар изграден во последните години во градот Гронинген во Холандија, за кој исто така беше распишан меѓународен конкурс, а наградата ја доби холандската група НЛ Архитектс во конкуренција со студиото на Заха Хадид.

1_resize

Овој пат ги набројав отворените горливи прашања во централното јадро на Скопје, кои се важни за хуманото урбано живеење, за имиџот на градот, а чекаат и чекаат неодложни решенија. Неприфатлива ми е тезата дека нема доволно пари кога сме сведоци на редица непродуктивни трошења. Неприфатлива ми е и тезата дека механизмите за справување со имотно-правни односи и законска регулатива  се пречка за решавање на проблемите, затоа што сите тие механизми се менливи. Ако слоганот на последните избори беше „Можеме“, тогаш очекувам владејачката гарнитура да може вистински да работи на обезбедување пристоен центар на главниот град без кич-иконографии, зголемување на зелените површини и паркови, спречување на деградацијата на историскиот континуитет на градот, спречување на обезличувањето на градот. И да, би сакала да изградиме и нова концертна сала, за која властите ќе обезбедат финансиска конструкција, независно од парите потребни за Универзална и ќе ја сместат на локација според сеопфатна урбанистичка анализа и план за истата, а не од ракав извадена на неколку архитекти собрани на кафе, кои виделе празна локација и му дошепнале на градоначалникот. Дали навистина „можеме“ или секогаш ќе имаме поважни проблеми за решавање, за на крај да слегнеме со рамениците изговарајќи ја познатата македонска константа „Е па тоа е“.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top