Продолжува надградбата на објектот на Министерството за транспорт и врски, а деновиве се започна и со монтажа на металната конструкција за дополнителните два ката. Покрај надградбата во висина, седиштето на ова министерство ќе добие и нова „барокна“ фасада, нов главен влез и два лифта. Изведувач на проектот е градежната компанија „Бетон“ – Скопје, а за надзорот е задолжен „Евро Консалтинг“.
За реализација на овој зафат, Министерството склучи дополнителен договор со изведувачот на проектот – скопски „Бетон“, за непредвидени работи врз овој објект. Како резултат на промената на фазата – статика, се појавија дополнителни работи за чие спроведување се одвоени средства во висина од 5.687.504 денари, односно околу 92 илјади евра. Досега за проектот се наменети околу пет милиони евра.
Реализирањето на проектот доцни повеќе од една година. Градежниот зафат на оваа административна зграда започна на крајот од 2011 година, а тогашното ветување беше дека истиот ќе биде завршен во рок од една година. Во согласност со проектната документација, предвиден е нов главен влез на северната страна, приземје со влезен хол, пријавница, простор за чекање и два лифта за движење на горните катови. Со зафатот ќе се изведе нова „стилизирана“ фасада, додека во дополнителниот административен простор ќе се сместат Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.