Можат ли високите стаклени згради да станат електрани? Судејќи според најновите истражувања оваа генијална идеја може наскоро да стане реалност. Одржувањето на облакодерите е комплицирано, а пред се скапо. Еден од поголемите трошоци е и електричната енергија. Но, што ако постои можност за прекривање на стаклените фасади со соларни панели, но со истовремено обезбедување на природна светлина во објектот. Имено, неодамнешните истражувања покажуваат дека транспарентните соларни ќелии, ако се постават кај двојнозастаклените прозорци, би можеле да бидат енергетската иднина за градовите. Сепак, главниот предизвик за научниците е максимизирање на енергетската ефикасност на соларните ќелии, без загрозување на траспарентноста. Во текот на минатиот месец, тим истражувачи од Универзитетот во Мичиген, постави нов рекорд во енергетската ефикасност на транспарентните соларни ќелии. Тие успеале да постигнат енергетска ефикасност од 8,1% (досега оваа вредност беше 2-3%), со 43,3% транспарентност, и тоа користејќи органски суровини за разлика од конвенционалниот силициум. Иако овие соларни ќелии имаат благо зелена нијанса, научниот тим вели дека всушност тие се најслични на сивата боја на очилата за сонце или прозорците на автомобилите.
Зградите со стаклени фасади обично имаат премаз кој рефлектира или апсорбира дел од светлината, со цел да се намали интензитетот на светлината или да се намали прекумерното загревање во внатрешноста на објектот. Сега оваа енергија ќе може да се користи за генерирање електрична енергија за потребите на зградата.