Веќе седум години жителите на улицата Мексичка во скопската населба Тафталиџе можат само беспомошно да ја го гледаат приватниот објект изграден врз нивното некогашно детско игралиште и парк. Две генерации израснаа на овој простор, опеан во песните на Леб и Сол. За третата веќе немаше место.
Ѕидот од игралиштето на улицата Мексичка во населба Тафталиџе
Паркот беше приватизиран, на него се нацрта градежна маркичка и на него се изгради зграда. Веднаш до споменикот на мексиканската солидарност, таа денес стои како споменик на несолидарноста и на борбата што локалното население ја водеше, но ја загуби.
Мексиканскиот парк е само еден од многуте примери на уништување јавни простори и зелени површини и на директно нарушување на непосредната животна средина во урбаните центри. Ова е игра што е однапред наместена, порачуват експертите што ги консултиравме. Правилата за урбанистичко планирање им овозможуваат пристап до профит на градежните инвеститори и на граѓаните како сопственици на имоти, но не и пристап до правда на граѓаните како жители на одредено подрачје, при носењето одлуки за непосредното уредување на просторот во кој што живеат.
Детален урбанистички план за дел од Општина Центар
Ова е процес кој што трае повеќе од две децении. На сите засегнати фактори им е јасно дека со него значително се намалуват зелените површини по глава на жител во одредени области, инфраструтурата се преоптоварува, потрошувачката на енергија се зголемува, а просторот се користи крајно неодржливо. Исто така е јасно дека прекумерното градење е една од причините за загадениот воздух, поради густата градба, спречувањето на циркулацијата на воздухот, намалувањето на дрвјата и поради градежната прашина. Нејасно е само зошто никој не се обидува да ги смени правилата.
Јавни анкети што не се баш јавни
Од Тафталиџе до Аеродром, од Бутел до Кисела Вода, како и во Тетово, Охрид и на други места низ земјава се одржале стотици протести и се воделе многу иницијативи откога во некое соседство ќе се загради одреден парк, игралиште или друг простор со градежни тараби, а булдожерите ќе почнат да копаат дупка за темели. Едноставно пребарување на Гугл покажува дека барем по 3-4 такви настани годишно го привлекуваат медиумското внимание.
Во најголемиот број случаи локалните власти одговараат со аргументот на врзани раце – деталниот урбанистички план бил донесен одамна, инвеститорот имал сопственост или право да гради, и тие не можат да го спречат или да не му издадат дозвола. Понекогаш тие додаваат дека граѓаните, ако им пречела градбата, можеле и требало да реагираат кога деталниот план бил изложен на јавна анкета.
За жал, јавната анкета е само име за процес кој што е далеку од јавен. Ниту целата заинтересирана јавност може да учествува на неа, ниту таа служи за решавање прашања од јавен интерес. Јавните презентации и анкети законски се определени на начин што повеќе ја исклучува јавноста, отколку што вистински ја вклучува, вели архитектката Дивна Пенчиќ.
„Тие се остваруваат во фаза кога е веќе изготвен урбанистичкиот план и се однесуваат исклучиво на граѓаните кои се жители на делот од градот за кој се изготвува планот и на институциите кои што тука имаат директен интерес. Во таа фаза се можни само мали корекции во однос на загрозени сопственички права или за инсталации на Водовод, ЕВН, БЕГ и други. Јавноста, граѓаните и граѓанските иницијативи и организации, кои се засегнати во смисла на загрозување на правата на квалитетни животни услови и здрава животна средина, односно поборниците за повисоки цели и за доброто на сите граѓани, всушност, немаат инструмент за делување. Грубо се отфрлаат какви било нивни барања и укажувања, па нивниот глас ниту се слуша, ниту се уважува“, објаснува Пенчиќ.
Според нејзиното објаснување, кога станува збор за јавните анкети, секој плански опфат се третира како да е изолиран од остатокот на градот, а секој имот како да се свет за себе. Буквално, ако некоја тесна уличка е граница меѓу два плански опфата (што е чест случај) луѓето што живеат на едната страна немаат никакво право да интервенираат ако тоа што се планира од спротива сериозно влијае вез нивните животи. Поднесувањето забелешки се прифаќа само ако подносителот е сопственик на некој имот, и само тие се разгледуваат. Други забелешки, кои се однесуваат на јавниот интерес или укажуваат на намалување на квалитетот за живот, најчесто се отфрлаат како барања без законска основа.
„Тоа би било прифатливо ако претходно општината и планерот одговорно си ја вршат нивната улога и работа, а тоа е заштита на јавниот интерес, и не би изготвувале решенија кои ги загрозуваат условите за живот и предизвикуваат загадување и узурпација на земјиште и на објекти што им припаѓаат на сите граѓани. Но, сведоци сме на едно паушално, површно и инвеститорски-ориентирано планирање, кое без исклучок ги загрозува основните човекови права на квалитетна животна средина и достојни услови за живот“, нагласува Пенчиќ.
Јана Белчева-Андреевска, доскорешната претседателка на советот на општина Центар и активист во движењето „Здравје пред профит во Центар“, пак, вели дека ако општините имаат правилна визија и постават стратешки приоритети за просторот што треба да го уредат, тогаш и сегашните правила би биле доволни за да обезбедат учество на граѓаните и заштита на нивните права во непосредната околина. Но бидејќи тие не поставуваат приоритети, планерите имаат слобода да да работат во корист на инвеститорите, од што имаат финансиски интерес.
„Затоа планови се изработуваат за вредност од едно евро, а речиси никој не го гледа тоа како сомнителна пракса“, вели Белчева-Андреевска.
Густа изграденост во скопско Дебар маало
Поглед само во својот двор
Преку барања за пристап до информации од јавен карактер, побаравме извештаи и записници од јавни анкети за неколку урбанистички планови од четири скопски општини во кои градежниот бум беше најголем во изминатите години. Ни испратија две – Центар и Карпош. Од податоците што ги добивме произлегуваат два неповолни тренда. Не само што ретко се земаат во предвид иницијативите поврзани со заедничките потреби (зеленилото, сообраќајните решенија и други фактори што влијаат врз животната средина), туку тие ретко и се поднесуваат. Бидејќи јавните анкети се отворени само за локалните жители, тие се обидуваат да го максимизираат својот личен интерес.
протест на граѓаните во населба Тафталиџе за заштита на паркот
Според записникот за јавната презентација за ДУП Маџир Маало 1 во Општина Центар, биле поднесени 38 анкетни листови, со кои во најголем дел се барало куќите да се пренаменат во згради, а се барало и да се зголеми површината за градба колку што може. Само една жителка рекла дека соседите немале интерес за заедничките потреби и ги следеле само личните интереси.
Слични се податоците и од записникот за презентацијата на ДУП Парк 1 со дел од Дебар Маало 1. Со 120 анкетни листови се барало да не се намалуваат висините, да се зголемат висините дури и таму каде што уличниот систем не го овозможува тоа и да се исфрли обврската за зеленило во градежните парцели (од оваа презентација потекнува изреката „нејќеме зеленило, сакаме станови за децата“).
Барањата поврзани со квадратурите и висините за градба биле најчести и во 82-та анкетни листови поднесени за ДУП Клинички центар – Геолошки завод.
Од Општина Карпош добивме подетални податоци за содржината на секој анкетен лист за ДУП-овите што ги побаравме. Еден од поинтересните примери е планот за дел од Тафталиџе, за кој на јавната анкета во 2015 година биле поднесени 102 анкетни листови. Од податоците може да се види дека општината целосно прифатила 22, а делумно 12 барања за корекции (најчесто зголемување) на површините за градба и на висините. Имало само 10 барања за зачувување зелена површина и сите биле прифатени бидејќи се однесувале на истата локација.
Ѕидот од игралиштето на улицата Мексичка
Битка со ветерници во институциите
Александар Михајловски е еден од жителите на Мексичка што учествувале во борбата за да го спасат паркот и игралиштето, но не успеале, иако се обратиле до бројни институции. Дознал дека земјиштето веќе не е јавен простор од сосед што му дошол на врата за да го информира дека имало промени во урбанистичкиот план, со градежна маркичка на игралиштето, и дека може да поднесат приговори во законскиот рок.
„Дознавањето за проблемот беше клучно, оти се случи 10 години по приватизацијата за која ние не знаевме дека се случила – по кој рок застарувале сите можности за жалби. Почекано е да помине времето од 10 години за да се активира правото на сопственост и да се заокружи градежна парцела со откуп на јавно земјиште, со дозвола од надлежното Министерство за транспорт и врски“, вели Михајловски.
Поднеле приговори за нацрт ДУП-от, им биле одбиени како неосновани. Приговарале до општината дека не е побарана согласност од непосредните соседи за новата градежна парцела, ги одбиле бидејќи немало основа. Како што вели, општината им ги развлекувала роковите за одговори додека инвеститорот ја спроведувал добиената дозвола за градба, а фирма за обезбедување го чувала градилиштето. Се обратиле и до градот Скопје кој што се прогласил за ненадлежен, бучавата од градилиштето ја пријавиле до МВР од каде им рекле дека немаат мерачи за бучава, барале податоци од градскиот архив, но не ги добиле итн. Поднеле и тужби до Основниот суд, Управниот суд и претставка до правобранителот. Најчестиот одговор им бил дека не се надлежни.
Примерот со Тафталиџе покажа дека дури и кога локалните жители се борат за некое општо добро, немаат никаква гаранција за успех. Оние што не се жители, пак, можат само да покренат иницијатива надвор од законските процедури за урбанистичко планирање, користејќи ги уставните права за граѓанско организирање и активизам.
Таков пример е случајот со имотот на фабриката Треска во Скопје, исто така денационализиран во последниве години, каде што неколку градежни фирми веќе купија парцели и очекуваат да им се дозволи да направат згради. Здружението Здравје пред профит во Центар поднесе петиција за просторот да се уреди на јавен конкурс, со цел да се задржи што повеќе од зеленилото во фабричкиот круг, која ја потпишаа поголем број архитекти и граѓани. Бидејќи не се дел од процедурата, судбината на ваквите иницијативи зависи исклучиво од волјата на локалните власти.
Новоградби во Општина Карпош
За промени, правата треба да бидат над волјата
Урбанистичкото планирање преку јавни конкурси, барем на позначајните урбани подрачја, е решението со кое ќе се обезбеди поголема јавност во постапката и поголема заштита на правата на граѓаните во уредувањето на просторот, вели архитектката Пенчиќ.
„Преку нив ќе се добијат решенија кои ќе понудат најдобро исполнување на критериумите, ќе создадат позитивен натпревар помеѓу планерите и архитектите, ќе бидат на јавен увид и ќе понудат подобри решенија. Досегашната пракса на избирање фирма преку тендер, која не чуствува никаква одговорност да бара нови, современи и квалитетни решенија, туку напротив се однесува според „вие сте ме избрале и јас ќе го правам тоа што го сакам и го знам“, досега не даде добри резултати, напротив ја доведе планерската струка до дно на некомпетентност и несовесност, а градовите до најпримитивна, сурова шпекуланска и неквалитетна изградба“, истакнува Пенчиќ.
ДУП Буњаковец 2 (фабрика „Треска“)
Според Белчева-Андреевска, граѓаните мора да се сензибилизираат за важноста да учествуваат во урбанистичкото планирање за да ги заштитат своите права во животниот простор. Како што објаснува таа, досегашното искуство покажало дека ниту една институција вклучена во урбанистичкото планирање не покажувала доволна грижа за јавниот интерес. Ниту градот Скопје се грижел за излегувањето од параметрите на Генералниот урбанистички план, ниту Министерството за образование за капацитетот на училиштата, ниту Министеството за труд и социјала за капацитетот на градинките преоптоварен поради доселувањето нови жители во одредено место, ниту МВР за сообраќајот, ниту ДЗС за заштита од ризици. Сите давале зелено светло.
старите куќи стиснати меѓу новите згради
Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев вели дека засега, во отсуство на други механизми, граѓаните треба да ги користат можностите за поднесување приговори на јавните анкети.
„Секој анкетен лист е важен и стручната служба, односно Комисијата составена од внатрешни и од надворешни членови мора да одговори на него“, вели Богоев.
За да овозможи поголема јавност во урбанистичкото планирање и заштита на јавниот интерес, тој во општината формирал комисија од двајца внатрешни членови и тројца надворешни – планери и универзитетски професори. Но и самиот вели дека за остварување на граѓанските права е многу важна волјата на градоначалникот и на општинската администрација.
„Како локална самоуправа остануваме отворени и за изнаоѓање на други механизми за учество на граѓаните. Сметам дека тие треба да бидат носени во координација со ЗЕЛС, Владата и другите засегнати странаи. Решенијата да бидат заеднички, да важат за сите. Само така ќе имаме системски промени“, истакнува Богоев.