Се гради најдолгиот подводен тунел во светот, кој ќе биде долг 18 километри. Станува збор за патен и железнички тунел што ќе ги поврзе данскиот регион Лоланд Фалстер со германскиот регион Шлезвиг Холштајн. Тие ќе бидат поврзани преку Балтичко Море, создавајќи нов влез во Северна Европа, што ќе го скрати патувањето на само 10 минути со автомобил и пет минути со воз.
Тунелот Фемарнбелт е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа вреден седум милијарди евра. Тунелот ќе содржи електрифицирана железничка пруга со две шини и пат со четири сообраќајни ленти. Изградбата ќе се одвива така што прво на копно ќе бидат излеани шупливи бетонски елементи, кои потоа ќе се монтираат парче по парче под вода и ќе се постават за да се создаде тунел. Овие огромни бетонски елементи ќе бидат донесени со големи машини за влечење товар на самото место каде што ќе бидат монтирани. Ќе се поставуваат во ров широк 60 метри и длабок 16 метри, ископан во морското дно.
Планирано е градежните работи на страната на Данска да почнат на почетокот на 2021 година, а во Германија во средината на 2022 година.Според ситуацијата и динамиката на работа, тунелот треба да се заврши во 2029 година.