Најпознатиот телевизиски лик заштитник на природата, Sir David Attenborough, кој во Британија го сметаат за национално богатство, во својот нов документарец изнесува досега најостро предупредување за човештвото – дека заради сопствениот опстанок мора да ги зачува и другите видови. Во едночасовниот филм Extinction: The Facts (Истребување: Факти), кој е неодамна прикажан на BBC, Attenborough не се воздржува да ги прикаже разорните последици од уништувањето на природните живеалишта и тоа јасно го поврзува со појавата на пандемии, како оваа со коронавирусот. Документарецот е прикажан само неколку дена откако стручњаците предупредија дека популацијата на животни, птици и риби, во период пократок од 50 години е „истребена“ за две третини, и тоа поради прекумерната конзумација на човекот. „Соочени сме со криза“, вели Attenborough на почетокот на филмот, „и тоа таква криза која ќе има последици врз сите нас“. Филмот содржи стравични сцени, како на пример мајмуни кои од дрвјата скокаат во река за да се спасат од пожар или коала која куцајќи преминува улица барајќи спас од истата стихија. Авторот на „Сината планета“ и „Планетата Земја“, во новиот филм исто така го истражува и изворот на Covid-19 меѓу популацијата на лилјаци во пештерите во кинеската покраина Јунан. Го прикажува и кинескиот wet market во Вухан, специјализиран за продажба на диви животни наменети за исхрана, за кој се верува дека е изворот на ширењето на пандемијата. Attenborough отишол и во средна Африка за да ги покаже последните два живи бели носорози – мајка и ќерка. „Во својот живот сум се сретнал со некои од најисклучителните видови животни. И дури сега сфаќам колку сум бил среќен бидејќи некои од нив засекогаш ќе исчезнат”, рекол овој 94 годишник. Но, тој вели дека сеуште постои надеж. Во 70-тите години од минатиот век, Attenborough снимил филм за планинските горили на границата помеѓу Руанда и Конго, кои тогаш биле на работ на изумирање. Благодарение на одлучната кампања за нивно спасување, нивниот број од тогашните 250 е зголемен на над илјада. „Јас можеби тоа нема да го доживеам, но ако донесеме вистински одлуки во овој критичен момент, можеме да го сочуваме еко системот на нашата планета, нејзината разновидност и сите нејзини жители“ заклучува во филмот. „Тоа што ќе се случи, зависи од нас“.