Веројатно еден од најпознатите бизнисмени во светот, и еден од ретките за кој тешко може да се прифати дека припаѓа на оваа категорија. Всушност тој е многу повеќе од тоа. Тој никогаш не гледал на успехот и на бизнисот низ призмата на капиталот, туку како средство за остварување на неговата мисија за спас на човештвото. И навистина, колку и да звучи претенциозно оваа констатација, само неколку факти од биографијата на овој човек уверуваат во нејзината вистинитост.
Посветен на одржливоста и заштитата на животната средина, Маск со неверојатна прецизност и исполнителност се впушта во планирање и реализација на сите свои револуционерни проекти – од електричен автомобил, вакуумски транспорт – hyperloop, првата во светот приватна вселенска програма, која вклучува ракети за лансирање за повеќекратна употреба и секако последниот подвиг во оваа низа – проектот за колонизација на Марс. Така, тргнувајќи од заложбите да ја направи нашата планета подобро место за живот, неуморно започнува да гради еден навистина радикален концепт – колонизација на Марс како решение за пренаселеноста на Земјата, но и бројните безбедносни закани со кои во иднина би се соочила нашата планета. Токму затоа, за него бизнисот и основањето компании не се цел сама за себе или средство за создавање капитал, туку начин на кој ќе направи технолошка револуција и ќе ја смени перцепцијата за светот каков што го познаваме досега. Мора да се признае, дека со Tesla електричните автомобили, тој веќе успеа да ја смени перцепцијата за автомобилите какви што отсекогаш сме ги познавале. Неговата појава и харизма се привлечни за медиумите. Неговите презентации на новите достигнувања на неговиот тим се несекојдневни, футуристички и со многу ефекти. Неговиот приватен живот е исто така предмет на интерес. Неодама се најде во фокусот на јавноста поради несекојдневното име на својот новороден син – X Æ A-12.
Роден во Јужноафриканската Република во 1971 година, уште од дете бил многу повеќе посветен на STEM (Science , technology, engineering and mathematics) отколку на вообичаените интереси на неговите врсници. Веќе на свои 12 години создава и продава сопствена видеоигра. Подоцна студира економија и физика во Канада и во САД, и се сели во познатата Силициумска долина, со намера да се фокусира на три области: интернет, чиста енергија и вселена. Во светот на бизнисот започнува како косопственик на PayPal во 1999, и прави бум во светот на е-трговијата. Три години подоцна ја продава компанијата за 1,5 милијарди УСД. Тоа му овозможува да се посвети на реализација на своите проекти, односно на своите соништа. Потврда на констатацијата дека Маск не е воден од заработката. Во спротивно, дали човек чиј мотив е капиталот, би се одлучил да формира компанија за реализација на вселенска програма? Space – X, формирана во 2002 година е единствената во светот приватна компанија која лансирала ракета во вселената. Пред него тоа им успева само на државите, поточно само на богатите држави. Сосема свесен за огромните вложувања кои се неопходни, неговиот тим неуморно работи на создавање ракета за повеќекратни лансирања. Решението е во ракетата Falcon 9, првата ракета на светот од ваков вид. Неверојатно голем скoк во период од само неколку години, од „стигнување во вселената со сопствена ракета“ до „реупотреблива ракета“, која ќе може неоштетена да се врати на Земјата наместо да изгори во атмосферата. На овој начин мисиите во вселената би чинеле околу 200.000 УСД – трошоци за гориво, наместо сегашните неколку десетици милиони долари.
Еден куриозитет поврзан со родовата еднаквост или попрецизно со пробивот на жените во дисциплините кои традиционално биле резервирани за мажи е во фактот што претседател на Space – X e жена. Д-р Гвен Шотвел раководи со првото лансирање и првата мисија на компанијата во вселената. Пред неполни педесет години, во рамките на програмата Аполо, тешко дека на фотографиите од командниот центар во Хјустон би можеле да забележиме некој женски лик. Често ја нарекуваат „десната рака на Маск“ (Musk’s right hand women). Space – X како компанија е потполна спротивност на бирократската НАСА, која освен на баснословните инвестиции во истражување и развој се потпира на инвентивноста на брилијантните инженери. Таму сè е поинакво и неформално. Фармерки и маички се вообичаениот дрес код, а се работи макотрпно со цел да се стигнат исклучително амбициозните рокови кои Маск ги поставува. Но, неговите вработени се мотивирани. „Луѓето работат подобро кога знаат која е нивната цел. Важно е тие да уживаат во работата и со радост да доаѓаат наутро на работа“, вели Маск.
Загриженоста на Маск за колапс на нашата цивилизација е под големо влијание и од творештвото на писателот на научнофантастични романи Исак Асимов, особено од делото Foundation series, кое претставува еден вид футуристичка верзија на падот на Римската Империја. Затоа тој вели: „Замислете дека живееме во пикот на Римската Империја. Што ќе преземете за да го спречите падот, или да ги ублажите последиците?“ „Воопшто не станува збор за реторичко прашање“, продолжува Маск. „Одговорот е едноставен – технологијата. Лекциите од историјата (учителката на животот прим. авт.) нè учат дека цивилизациите се појавувале и опстојувале во циклуси – Вавилон, Египет, Рим, Кина. Имајќи предвид дека за прв пат во 4,5 милијарди години постои шанса за продолжување на животот надвор од Земјата, доволно зборува за тоа колку треба да бидеме мудри додека прозорецот е отворен“, заклучува Маск.
Неговата идеја за транспорт низ подземни коридори под вакуум со што би се елиминирале отпорите, се развива со не помала посветеност од вселенската програма. Неговото име е Hyperloop, а ќе овозможи патување од Лос Анџелес до Сан Франциско за половина час. Овој концепт на транспорт ќе овозможи брзини од 1200 km/h, се очекува да донесе револуција во копнениот сообраќај, а освен споменатата траса во игра се уште неколку траси во САД меѓу кои Њујорк – Вашингтон, но истражувањата сега се развиваат и во Германија, Холандија, Полска и Индија. Посветеноста на Маск за искоренување на фосилните горива е сеприсутна во секој неков бизнис-концепт. Електричните возила и компанијата Tesla веќе не се никаква новина и револуција во светот на индустријата, туку стандард. Технолошката извонредност се огледа не само во готовиот производ, туку и во начинот на кој тој се произведува. Станува збор за најсофистицирана фабрика со највисок степен на роботика и автоматизација, но и целосно обоена во црвено и бело, за да изгледа како работилницата на Дедо Мраз. Маск е основач и на компанијата SolarCity, која се занимава со производство на соларни покриви, соларни централи и батериски системи за складирање на електрична енергија.
„Светот мора да се разбуди во врска со опасноста од климатските промени. Земјата е како лонец кој врие. Единствената најважна мерка која мора веднаш да се спроведе е оданочувањето на емисиите на јаглерод диоксид“ вели Маск. Според него, долгорочниот опстанок на човештвото е под голем ризик доколку остане лимитиран на само една планета. Порано или подоцна, некоја катастрофа – можеби астероид, супервулкан или нуклеарна војна, ќе стави крај на животот на Земјата. Маск ја основаше Spase – X во воден токму од идејата да обезбеди живот и на друго место.
Тој е активен и во областа на истражување на вештачката интелигенција (AI – Artificial inteligence). Во 2015 година станува коосновач на компанијата OpenAI, првенствено поради неговите заложби за заштита на AI од злоупотреба. Во некои свои интервјуа тој посочува на опасноста од AI потребата од регулација на оваа сфера.
„Една од моите психолошки замки е дека можеби јас сум премногу убеден во она што го носи иднината. Но, би рекол дека станува збор за замка на мојата генерација. Пораснати во „златната“ ера на човековата историја, и иако природно сме загрижени за иднината, сепак потсвесно претпоставуваме дека нештата ќе продолжат да се подобруваат, но тоа не може да се гарантира“, вели Маск. „Затоа треба да се работи на технолошки унапредувања кои ќе можат да се соочат со најцрните прогнози за иднината на Земјата“, заклучува тој.
Илон Маск не е совршен херој. Но тој без сомнение е брилијантен реализатор на една извонредна визија. Неговите соработници го опишуваат како човек со кој е тешко да се работи, но сепак го поттикнува најдоброто кај нив, бидејќи и самиот работи 80 часови неделно. Во комуникација со јавноста има направено бројни грешки. Често е присутен на twitter, но неретко избрзува со одредени твитови за кои потоа мора да се извинува.
Сепак, неспорно е дека професионалниот живот на Маск е лекција за тоа како неколку едноставни принципи кои се доследно и ревносно спроведени можат да испишат историја.