Насловна / Вести / Две термоелектрани на јаглен одговорни за сериозното аерозагадување во Косово

Две термоелектрани на јаглен одговорни за сериозното аерозагадување во Косово

Две електрани на јаглен – Kosova A и Kosova B, се главен извор на загрижувачкото ниво на загадување на воздухот во Косово, а посебно во Обилиќ, градот кој се наоѓа помеѓу овие две електрани и во близина на нивните одлагалишта за пепел и површинските рудници за лигнит. Bankwatch, кој на почетокот на оваа година спроведе едномесечен мониторинг на квалитетот на воздухот во Обилиќ, ги повика властите да преземат чекори во тој град, но и да се намали зависноста на Косово од фосилни горива.

Граѓаните на Обилиќ се во текот на целата година изложени на опасни нивоа на емисии на сулфурен диоксид и честички прашина, а податоците од станицата за мерење на квалитетот на воздухот не се јавно достапни во реално време, па граѓаните немаат точни и навремени информации. Kosova A и Kosova B, со кои управува Косовската енергетска корпорација (KEK), произведуваат над 90% од електричната енергија во Косово, но исто така се сметаат и за најголеми загадувачи меѓу електраните во Европа, се вели во извештајот на сајтот на CEE Bankwatch Network. Студијата која во 2014 година ја спроведе програмата на Обединетите нации за развој (УНДП), покажува дека од последиците на загадувањето на воздухот со честички од прашина, годишно умираат 6 од 1000 жители во Косово, а Health and Environment Alliance, проценува дека овие две електрани предизвикуваат здравствени трошоци за жителите на Косово и соседните земји во износ помеѓу 70 и 169 милиони евра годишно. Во текот на мониторингот во Обилиќ, спроведен во периодот од 7-ми до 13-ти февруари 2020, забележен е огромен број надминувања на дневниот лимит за PM10 и PM2.5, при што многу често концентрациите биле и по неколку пати повисоки од дозволените.

kosovaAB1

Bankwatch ги повика надлежните да им обезбедат на граѓаните на Обилиќ мерење на квалитетот на воздухот во реално време, како и вградување на филтри за прашина на двете електрани, што би требало да доведе до 35 пати намалена емисија на прашина.  Исто така, Kosova B треба да го намали бројот на работни часови додека не се вградат филтри, велат од Bankwatch.

Енергетскиот систем на Косово речиси во целост се потпира на фосилни горива, и потребен е јасен план за намалување на користењето на јагленот во наредните години со задржување на проектите за производство на електрична енергија од обновливи извори и греење без јаглен. Во јуни оваа година, Bankwatch соопшти дека вкупните емисии на сулфурен диоксид од електраните и други погони на јаглен на Западен Балкан, во текот на 2019 година биле шест пати повисоки од границите поставени во националните планови за намалување на емисиите. Во извештаите за минатата година кои БиХ, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија ги испратиле до Европската агенција за животна средина, немало никакво подобрување во однос на загадувањето на воздухот предизвикано од активноста на индустриските капацитети.

KosovaAB2

 

Испрати коментар

Scroll To Top