Три века стар даб гордо стои во центарот на Торонто, а градските власти и граѓаните се обидуваат да го сочуваат дрвото кое е постаро и од самата Канaда.
Црвениот даб висок 24 метри во центарот на Торонто никнал пред околу 300 години, во време кога француските истражувачи формирале трговска станица во непосредна близина на брегот на езерото Онтарио.
Дабот сега се наоѓа во приватен двор во срцето на станбената населба Норт Јорк. Неговото огромното стебло е со обем од пет метри, а се потпира на куќа од 60-тите години.
Во лето, неговите големи гранки фрлаат сенка и потполно го штитат целиот двор од сончевите зраци. Сепак, новиот сопственик на куќата изјавил дека не може да си ги дозволи трошоците за одржување на толку големо дрво, како и фактот дека неговите силни корени го загрозуваат темелот на куќата.
Поради големата крошна, постои и страв дека дабот е ранлив на силни ветрови и бури.
За да го заштитат, Градскиот одбор на Торонто усвоил одлука во 2018 година, градот да го купи земјиштето, да ја сруши куќа и да направи мал парк околу дабот.
Минатата година беше постигнат договор со сопственикот на земјиштето да ја продаде парцелата на градот. Ова го воодушеви локалното население, кое подолго време апелира да се зачува дабот.
Експертите велат дека со добра грижа и под соодветни услови, дабот може да живее барем уште 200 години.
„Овој вид дрво е многу скап за одржување. Ако земјата биде јавна, градот би можел да се грижи за дабот многу подобро отколку јас“, вели Али Симага, кој ја купил парцелата со куќата во 2015 година.
Симага вели дека не сака да биде себичен, туку дека сите треба да уживаат во дабот.
Договорот, сепак, сè уште не е финализиран. Понудата на градот за купувањето има еден услов – приватни донации мора да покријат половина од цената на земјиштето, односно 325.000 долари.