Насловна / Архитектура / Универзална сала – руина во безвреден лим или меморија вредна за зачувување?

Универзална сала – руина во безвреден лим или меморија вредна за зачувување?

Кон крајот на јули Град Скопје распиша конкурс за избор на идејно решение за парк со летна сцена на местото на Универзална сала, а тоа подразбира дека се планира таа да се сруши. Притоа, на градските власти намерата им било да изградат нова Универзална сала на друга локација. Лично сметам дека нејзиното рушење, и т.н. „префрлување“ на друга локација е по многу нешта погрешно, а во продолжение ги изнесувам и моите аргументи за тоа.

1_resize

Ќе започнам со паралела со Ајфеловата кула. Имено, и Ајфеловата кула е монтажен објект, наменет за изложба, предвиден да стои 20 години, и како и многу други објекти од тој период, да биде отстранет од локацијата по предвидениот рок. Сепак, независно од фактот што на грото од Французите не им се допаѓал, поради сплет на околности опстојал и по тие први неколку децении. Низ годините прераснал во градски и национален симбол и на некој начин си го аргументирал своето постоење. Поради иконичноста и колективната меморија, ретроактивно стекнува право на трајно постоење, наспроти првично предвиденото времено. Што со Универзална сала? Дали овој наш монтажно-демонтажен објект (кој како-таков, некои, по често погрешен автоматизам, го сметаат за времен) се стекна со право на трајно постоење, по аналогијата на Ајфеловата кула? Мојот став, како млад архитект кој не доаѓа од Скопје, но кој студентските денови ги помина во Архитектонскиот факултет што се наоѓа спроти Универзална сала, е да – се стекна.

И тоа се стекна, без воопшто да отворам дебати за архитектонската или естетската вредност на објектот; и независно од тоа дека објектот е реинтерпретација на софиски циркус, а авторот на проектот е непознат. Цврсто сметам дека не може да има посилен аргумент во прилог на тоа дека Универзална треба да опстои, од аргументот дека таа е прерасната во мемориско наследство, во објект-сеќавање поради мноштвото одржани врвни културни настани, во значајна колективна отелотворена меморија.

Univerzalna_Sala_Skopje_resize

Гледам го споменуваат проблемот со локацијата. Таквиот проблем, отежнатиот пристап поради густината на маалото и немањето паркинг за посетителите, практично е настанат отпосле, кога Универзална веќе постоела. Од една страна природно: поради зголемениот степен на моторизираност кој спонтано го донела втората половина на ХХ век, а од друга страна, пред сѐ, поради лошите урбанистички политики. И во контекст на урбанизмот, а низ дискурс за актуелната тема со предвиденото рушење на Универзална, се наметнуваат неколку дилеми. Прво, зошто своевремено, повторливо низ годините, не се размислувало поинаку: зошто во ДУП-овите за Буњаковец се дозволувале толкави габарити, знаејќи дека во иднина таквите габарити ќе предизвикаат проблем на околината поради јавниот објект кој веќе постои тука? Второ, зошто не се размислува во правец на тоа дека таквиот проблем може да се амортизира со ефикасен јавен превоз и квалитетна врска на салата со остатокот од градот која би била доволна за голем дел од посетителите да се откажат од идејата да дојдат со сопствено возило на некој настан тука? Зошто сега Универзална сала да ни биде проблем, кога веќе постоела тука пред да настане урбанистичкиот хаос, а не обратно? Зошто таа да се отстранува поради погрешни урбанистички одлуки таложени со години, наместо да се пристапи кон праведно решение во кое таа нема да биде жртва на урбанизмот?

6_resize

Но како и да е, локацискиот проблем е веќе настанат. Освен тоа, во градот има потреба за постоење мултифункционална сала со поголем капацитет. Но не гледам апсолутно никаква причина, особено не разумна, таквиот проблем да го спојуваме со таквата потреба. Ова спојување им е најсилен аргумент на апологетите на идејата Универзална да се сруши. Сепак, кога вака ќе ги поедноставиме работите, гледаме дека е бесмислено да спојуваме две работи кои немаат врска една со друга, да спојуваме фактички проблем со практично немерлива потреба. Од друга страна, перверзна е помислата што таквото бесмислено спојување служи како аргумент за да срушиме еден од симболите на постземјотресно Скопје, за да отстраниме едно иконично наследство, за да избришеме отелотворена меморија градена половина век преку мал милион квалитетни настани.

Лично, дури го сметам и за безобразен обидот, (иако можеби е само неумесен, неумешен и непромислен) тој некој иден нов објект на друга локација, колку и да личел на Универзална, да биде поистоветен со неа и/или да биде именуван исто како неа! Верувам дека своевремено именувањето на Универзална се случило спонтано и непланирано, станува збор за сала со универзална намена од која произлегува и нејзиниот неформален назив по кој низ годините станува позната, но како и претходните аргументации за самото постоење на објектот, сметам дека терминот „Универзална сала“ заслужува да добие ексклузивитет при користењето. Тој термин е еден, неодвоив е и неделив, не само од сегашниот објект туку и од таа отелотворена колективна меморија. А тој некој друг посовремен и поголем мултифункционален центар со универзална намена на друга локација кој треба да послужи како замена за сегашниот објект, не само што не треба, сметам дека и не смее да биде именуван како „Универзална сала“. Скопје познава и сентиментално се идентификува само со еден објект, само со една слика, само со една меморија со тоа име.

5_resize

И затоа сметам дека сегашниот објект, наместо да се сруши, треба да се реставрира во целост со сѐпартерот, да се направи статичка санација, и во иднина да служи само за неколкукратно помали настани со кои не би се отежнувало функционирањето на маалото; притоа, одреден негов дел може да прерасне во музеј преку кој идните посетители и настапувачи би се запознале со минатото на објектот и неговата сентиментална вредност.

Во секој случај, ќе му остане потребата на Скопје од мултифункционален центар/сала, со среден капацитет (1000 – 3000 гледачи), која во локациска смисла треба да функционира според стандардите. И тука се наметнуваат дилеми од финансиско-економски аспект. Според Град Скопје прескапо и невозможно било да се направат двете работи: и реставрирање на Универзална, и градење нова сала на друга локација. Можело или едното, или другото. Па велат, првото секако не функционира поради локацијата (во случај да остане досегашниот капацитет на Универзална), а можеби би профункционирало доколку се намали нејзиниот капацитет – но тогаш би останала потребата од нова сала. Второто подразбирало рушење на Универзална бидејќи веќе било непотребно и опасно да стои нереконструирана штом парите ќе се потрошат на нов центар. И што треба архитектот да прави, кога му наметнуваат ултиматуми од ваква природа?

3_resize

Дали архитектот треба повеќе да се грижи за „немањето средства“ отколку да се грижи за тоа да биде поревносен во борбата за заштита на објект кој бил домаќин на маркантни настани кои силно учествувале во градењето на културниот идентитет на Скопје? Дали треба толку лесно и едноставно да се помириме со тезата дека „немало пари“? Вчудоневидувачки ми е кога гледам дека архитекти така лесно ја голтаат ваквата теза, а не можат (или не сакаат) да го увидат иконичното значење на Универзална сала. Уште повчудоневидувачки ми е кога гледам дека архитекти не можат да препознаат иконично наследство и отелотворена меморија. Ако некој е повикан да препознае и заштити по секоја цена значаен градски амбиент, значајна градска слика, значајно физичко сеќавање, тоа мора да е архитектот! Професијата ни налага да укажуваме за постоењето на таквите, за лаиците често невидливи вредности, и да ги заштитуваме борејќи се за нив.

4_resize

И не треба за возврат да очекуваме благодарност од лаиците што сме се избориле да живее нивната меморија преку нерушењето на иконични наследства, којашто меморија, патем, често и не е доволно вреднувана и ценета сѐ додека некој не го избрише физичкиот, опипливиот атрибут од неа, односно објектот. Доволно е што никој во иднина нема низ лута носталгична воздишка да се потсетува на „старите времиња“ и на објектите кои биле срушени, а граделе и изградиле мемории и сеќавања. И во овој текст немам намера да помогнам во неформалната едукација на одредени архитекти (или засегнати политичари, градски и државни службеници) посочувајќи литература од светски еминентни имиња од најразлични области кои се имаат занимавано со тематика врзана за соодносот на сеќавањата со архитектурата, на колективната меморија со зградата како физички објект. Но навистина е трагично во ситуацијата со Универзална сала да го занемаруваме таквиот аспект на гледање на работите.  

maxresdefault_resize

Освен тоа, неверојатна, и уште повчудоневидувачка, ми е реториката на некои наши архитекти, со која стануваат адвокати на политичарите или економистите, па така лесно ретерираат од борбата за заштита на иконично наследство само поради аргументот дека немало средства. Вчудоневидувачка ми е леснотијата со која, во ситуација кога гледаме еден куп непродуктивни трошења на јавни пари, се прифаќа тезата дека нема јавни средства за да се зачува објектот кој создал спомени, сеќавања, објектот во кој гостувале еминентни светски ѕвезди, објектот кој за многу од таквите ѕвезди е единствена слика, единствен флеш од нивните гостувања во Скопје и Македонија воопшто.

2_resize

Дури еве да речеме и дека им верувам на властите кога велат дека нема пари за да се зачува Универзална, или не би имало доколку се задоволи потребата за нов мултифункционален центар на друга локација и се изгради таков. Што ме спречува да барам да најдат? Впрочем, не е ли тоа нивната работа – да финансираат работи кои стручната фела од дадена област ќе процени дека се важни за да бидат финансирани, без притоа да ја притискаат и да ја натераат да ретерира од првично разумните ставови? И на крајот на краиштата, зошто мора да се брза со одлуката? Зарем не е подобро фазно да се отпочне најпрво со санација на Универзална, па како што ќе се определуваат/наоѓаат средства, да се завршуваат работите околу неа, таа да се става во определена функција која нема да го отежнува функционирањето на маалото, па дури потоа да се гради нов мултифункционален центар на друга локација? Кому му се брза? И онака стоиме пет години без едното, а не можеме да знаеме колку без другото.

Велат, „брза кучка – слепи кучиња раѓа“. Затоа не мора да брзаме. Не мора да ја ослепуваме оваа градска и национална колективна меморија рушејќи го нејзиниот физички атрибут. Штом не се истакнуваме по пристојно негување на културното наследство во државата, барем да не си го рушиме самите нашето мемориско наследство. Универзална сала во суштина е токму тоа – меморија.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top