Единствена куќа составена од 11 дела во форма на меури во Австралија е ставена на продажба. За свои потреби во 80-те години од минатиот век ја изградил архитектот Греам Бирхал.
Сфери со различни форми се она што ја карактеризираат куќата, а некои од нив личат на очно јаболко заради вградените прозорци. Прозорците се изработени според дизајнот за Марс Ровер, кој архитектот го побарал од НАСА. Куполите се со дијаметар од четири до осум метри.
Во однос на функционалноста, куќата содржи стандардни простории како и секоја друга. Има три спални соби, две купатила и гаража за четири автомобили. Исто така, има балкони и неколку тераси, застаклен влезен тунел, закривени скали, зашеметувачка библиотека и разнобојни градини.
Кујната има кружна форма и е дизајнирана од градител на бродови и опремена во „сферичен“ амбиент. Шпоретот на дрва е задолжен за загревање и на долните и горните простории, бидејќи се протега на двете нивоа. На двата спрата има фонтана која го освежува и лади просторот. Висината на таванот на некои места достигнува пет метри.
Која вредност ќе достигне овој имот останува да се види, но сигурно е дека нема да биде мала, со оглед дека во светот нема слични. Оваа извонредна креација од Греам Бирхал се наоѓа во Ипсвич, Квинсленд.