Од неодамна Будимпешта се збогати со уште еден парк. Новиот парк Széllkapu (Врата нa ветровите), се наоѓа во Будим – делот од метрополата на десниот брег на Дунав, и се простира на над 17.000 квадратни метри, а покрај дрвјата има и рибник со површина од 700 квадратни метри, располага и со панорамски лифтови.
Новиот парк е уреден на некогашната запуштена индустриска површина во сопственост на групата TSPC. Околните згради се вклопени во влезните и излезните падини на паркот, а впечатливата архитектура го дополнува амбиентот. При садењето на дрвјата и грмушките, се внимавало да се изберат автохтони видови. Пешачките патеки се спојуваат со три бели конструкции кои имаат облик на големи печурки. На нивните врвови се вградени фотоволтаични панели. Во склоп на паркот се наоѓа и подземна гаража со два ката, со капацитет од 500 возила. Со тоа е обезбеден приближно истиот број на паркинг места кои се наоѓале на тоа подрачје пред изградбата на паркот. Самото име на паркот се однесува на многу потребните ветрови кои го освежуваат воздухот во унгарската престолнина. Многу важен дел на овој парк се големите вертикални градини свртени кон трговскиот центар Mammut. Посетителите се качуваат до нив со панорамски лифтови, од каде им се пружа поглед на булеварот “Маргит“, Будимскиот дворец и околните ридови.
Новиот јавен парк е значаен чекор за Будимпешта, која по примерот на другите европски метрополи настојува да се посвети на реализација на зелени, одржливи и креативни архитектонски решенија.