Граѓани организирано викендов ќе го чистат Водно од насобраниот отпад.
Организаторите на акцијата велат: „Овој настан се одржува поради една причина која треба да не засега сите нас а тоа е загадената природа на прекрасната планина Водно.
Целта на настанот е да покажеме дека сѐ уште има совесни граѓани на кои им значи природата да остане чиста и кои се грижат за тоа да се оствари.
Секој кој што ќе биде слободен на 30 август (недела) е повеќе од добредојден да се приклучи. Сѐ што треба да направите е да се појавите на Средно Водно во 09:00 часот (или на врвот на Водно во 11:00 часот) и да сакате да помогнете во чистењето на нашето Водно.
Ние ќе обезбедиме ракавици и ќеси за отпадоци за сите учесници.
Почетна точка ќе биде Средно Водно кај летниковците, а по средување на околината на Средно Водно секој ќе може да тргне по некоја од патеките кои водат на врвот и да собере ѓубре по пат. На крај се наоѓаме сите на врв и правиме една групна чистка каква што заслужува Водно.
Поради ситуацијата со COVID-19 на настанот ќе се почитуваат и применуваат сите мерки за заштита од вирусот.
Нашето мото е: Не барајте човек за пример, бидете еден!“