Научниците предупредуваат дека во наредната деценија се потребни поголеми резови на стакленичките гасови во енергетскиот сектор. Ветерните и соларните електрани во првата половина на 2020 година произвеле 10% од светската електрична енергија, додека производството на електрична енергија од јаглен паѓа. Имено, во споменатиот период производството од ветерници и соларни централи забележало раст од 14% во однос на истиот период минатата година, а кај јагленот е забележан пад од 8,4%. Ова е наведено во извештајот на независниот тинк-тенк „Ембер“. Глобално, потрошувачката на електрична енергија во првата половина од годинава, забележала пад од 6%. И покрај падот на уделот на јагленот, сепак тој и натаму сочинува 33% од глобалниот енергетски микс. „Со цел да ја задржиме можноста за ограничување на загревањето на Земјата на нивото од 1,50C, производството на електрична енергија од јаглен мора дa падне за 13% секоја година од оваа деценија“ велат од „Ембер“. Најголем процент на енергија од обновливи извори се остварува во ЕУ (21%) и Велика Британија (33%). Кина е на 10-тото, а САД на 12-тото место. Што се однесува до падот на производството на електрична енергија од јаглен, тој е најизразен во ЕУ (32%) и во САД (31%), додека во Кина изнесува само 2%. Овој извештај ги анализирал податоците од 48 држави кои сочинуваат 83% од светското производство на електрична енергија.