Жителите од Водно ги облагородуваат дворовите и истовремено одржуваат разеленети покривни конструкции, живеејќи во симбиоза со природата, а притоа штедејќи енергија и штитејќи го своето здравје. Скопјани со своите зелени покривни решенија ја надоместуваат загубата на градските паркови, уживајќи во својот економичен, функционален и еколошки дом.
Досега скопјани можеа да видат зеленило на покривите единствено на Халк банка, на објект спроти Соборниот храм, на приватна градинка кај „Нова“ и на куќи во Бардовци и на Водно, пишува Утрински.
„Добра идеја е Градски ѕид да биде покриен со зелени покриви, места каде што ќе може да се седи на трева на покрив во централно градско подрачје. Замислете го цел Градски ѕид обложен со вегетација. Одржувањето е доста скапо, но бенефициите се уште поголеми. Зелените покриви, пред сè, служат како филтер, колектор и склад на дождовните води. Служат како термичка изолација и го чистат воздухот собирајќи ги штетните материи. Градбите со зелени покриви и органски ѕидови се исплатливи“, вели архитектот Душко Апостолов, кој на конференцијата „Зелена архитектура“ ја пренесе својата визија кон концептот за зелени покриви.
Апостолов ги поттикнува хортикултурните фирми и градежниците да размислат што значи градби со природен материјал. Вели, интересот за екообјектите е голем, но инвеститорите се „навлекуваат“ на модерни неодржливи архитектури. Потенцира дека изоставуваат компании кои ќе стимулираат енергетски-ефикасни објекти.
„Ова е сè уште во експериментална фаза и се надевам дека ќе се промени. Треба повеќе работилници и јавни излагања околу ваквите можности. Низ Европа од почетокот на 90-тите години има безброј иницијативи за зелена архитектура. Зелениот покрив редуцира и до 50 отсто енергија за топлење и ладење, а е и многу добар звучен изолатор. Го продолжува животниот век на покривот за 10 години, ја зголемува вредноста на недвижноста за седум отсто, па многу влади сè повеќе ја применуваат идејата“, вели Апостолов.