Неодамна во центарот на Загреб, поточно на улица „Људевит Гај 8“, се отвори интересен музејско- продажен простор на познатата хрватска солана Нин наречен едноставно „Приказна за солта“. Се работи за простор каде посетителите можат да дознаат сè за овој секојдневен прехранбен производ, но исто така и да се запознаат со фактот дека солта има поголемо значење и дека ја надминува дефиницијата на обичен натриум хлорид. На ова место може да се дознае за минатото на една од најстарите хрватски солани, која датира уште од времето на старите Римјани.
Денес, соланата Нин е една од ретките што произведува сол на традиционален и природно-еколошки начин – со користење на енергијата на сонцето и ветерот морската вода испарува во големите базени за испарување. Во музејот „Приказна за солта“, исто така, може да се видат и разни алатки стари повеќе од 100 години со чија помош се произведувала солта.