Насловна / Вести / Шнајдерски урбанизам во Тетово

Шнајдерски урбанизам во Тетово

Изминатиов период стручната, но и пошироката јавност во Тетово беше заинтересирана за една седница на Советот на Општината која се одржа во услови на светска пандемија, но со точка на дневен ред која не беше неопходна да се одржи во едни такви услови. Станува збор за донесување два детални урбанистички планови за одвоени плански опфати. Посебно спорен беше еден од нив, ДУП за дел од урбан блок 57, именуван за потребите на планската документација како ДУП 57а, односно урбаниот модул од градскиот блок кој гравитира кон булеварот „Видое Смилевски – Бато“ (т.н. „Индустриска“), и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот „Маршал Тито“ и улицата „29 Ноември“.

1A_resize

Овој опфат во најголема мера е зафатен од индустриските капацитети на поранешниот гигант „Шик Јелак“, а опфаќа и други помали парцели југозападно од нив. Планери – потписници на спорниот ДУП кој е изработен од проектантското биро „Урбан План“ од Тетово, се дипл. инж. арх. Мирослав Илиевски (кој воедно е и управител на бирото) и дипл. инж. арх. Рада Илиевска. Ова биро и во минатото беше изработувач на други планови кои знаеја да предизвикаат интерес во јавноста, особено поупатената.

20200719_133143_resize

ДУП за урбан блок 57а

И на самиот почеток веднаш би сакал да потенцирам една работа која мора да е јасна кога се дискутира или анализира урбанизмот како мултидисциплинарна наука. А тоа е: сето она што е законски легално, не мора да значи дека е и суштествено легитимно. Или, вие можете да имате широко елаборирана планска документација, навидум квалитетна, која притоа може ги запазува законските минимуми при планирањето; документација која често се повикува и е изработена врз основ на некаква си важечка каква-таква подлога, аминувана од народот (!) преку неговите претставници (советниците во Советот); со запазени ред постапки како јавни анкети, набавки, презентации итн., но тоа не мора да значи дека понудениот план за одреден опфат ќе донесе развој или ќе биде од јавен интерес на/за сегментот од градот во кој се наоѓа, или на целиот град воопшто.

Од приложеното се стекнува впечаток дека новопредложениот ДУП, за урбан блок 57а, по ништо не се разликува во лајтмотивот од другите ДУП-ови насекаде низ градот и државата – добивање на што е можно повеќе бруто-развиени градежни квадратни метри, преточени во огромна бројка на станбени единици (и по некоја комерцијално-деловна, секако), кои би требало да генерираат профит како за инвеститорот, така и за сите вклучени и засегнати страни во постапката. Целата постапка кокетира на работ на законски пропишаните правила и нормативи, и генерално можеме да ја сметаме за легална. Дискутабилните т.н. „сиви“ зони и недоречености во законите и законските акти, како и скоро секогаш, се вешто манипулирани од градежната мафија која знае како да ги користи и ползува за своја корист.

Практично не постои урбанистичко планирање во вистинска смисла на зборот, туку механичко исцртување на нови и нови површини за градба, преку кои се стекнува правото тие да послужат како еден вид на инкубатор за генерирање профит. И за приказната да биде во целост „согласно законите“, овој ДУП се повикува на Измена и дополнување на последниот Генерален урбанистички план за Тетово, изработена исто така од „Урбан План“, донесена од страна на Советот на Oпштината во февруари 2017. Со оваа Измена се менува намената на цели 4ha од блок 57, и од зона за индустрија определена во ГУП-от од 2003, сега се трансформира во зона на домување и се дозволува во рамките на овие 4ha да се предвидат станбени згради (со вклучени компатибилни намени до 40 %). Дополнително, други 2,6 ha од зоната за индустрија се трансформираат во зона со класа на намена Б2 – големи трговски единици. Потребата за да се направат вакви трансформации во класите, на големи површини од блокот, не се образложени и поткрепени со посебна и исцрпна студија.

сл1_resize

Исечок од ГУП-от од 2003г.

сл2_resize

Донесената Измена во 2017г.

Тоа што е уште поважно, е дека Генералниот урбанистички план за Тетово во суштина е одамна истечен и нерелевантен, иако за жал, законската регулатива вели дека и таквите истечени планови се важечки сѐ до донесување на нови. Имено, овој ГУП е донесен во 2003, направен е врз пописни податоци од 2002; како што старее губи на релевантност, но се обидува да биде рехабилитиран со донесување измени и дополнувања за поедини опфати по истекот на тие 10 години важност колку што треба да важи еден ГУП.

Но, нели, сѐ што не е законски забрането во Македонија, во принцип е дозволено (дури и да е суштински нелегитимно и погрешно), а особено кога треба да се искористи за нечиј профит. Така е и со стареењето на генералните урбанистички планови, кои се важечки до донесување нови. Со тоа, изречно не се забранува да се изработуваат измени и дополнувања за поедини опфати од нив, ниту е изречно забрането ваквите ГУП-ови да служат како подлога за сомнителни ДУП-ови. Небулоза е да носите измени и дополнувања на веќе неколку години истечен легислативен акт. Ваквата магловита легалност, нималку не може да биде легитимна.

20200719_132911_resize

Ваквото манипулирање со законската регулатива не носи можности и перспективи за иден развој на градот, ниту пак го штити јавниот интерес. Дополнително, вертикалниот принцип на субординација со кој плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени и територијално да „се содржат“ во плановите од повисоко ниво, е прекршен во три случаи во спорниот ДУП за блок 57а.

На споредбата на фотографиите е видливо ова кршење на и онака дискутабилната Измена од 2017 на ГУП-от од 2003. Трите спорни парцели се наоѓаат некаде на средината во урбаниот блок, а територијалното прекршување на Измената од 2017 е видлива без посебно графичко потенцирање.

сл3_resize

Предложениот ДУП

сл4_resize

Измената од 2017 г

Од оваа споредба, може да се забележи дека на парцелите со броеви 12, 13 и 16 е предвидено да се изградат три станбени згради без компатибилни намени, и тоа осумкатници со вкупна етажна развиена површина од 21 141 m2, иако овие парцели со Измената на ГУП-от од 2017 припаѓаат на зона за големи трговски единици, а не за станбени згради.

Во наредниот прилог е табелата со нумерички податоци од синтезниот план за дел од блок 57 (57а) од која може да се увидат неколку работи.

табела_resize

Забележуваме дека со планот се предвидува приближно 120 000 m2 да станат станбени згради со компатибилни намени до 40 %, и 20 000 m2станбени згради без компатибилни намени (или поточно 21 141 m2 – односно истите оние осумкатници со кои територијално се крши Измената на ГУП-от од 2017). Или вкупно, сигурно барем околу 100 000 m2 бруто-градежна површина (не сметајќи ги компатибилните намени, комуникациите и заедничките простории во зградите) ќе станат станови, ако не и повеќе. Оптимистички гледано, тоа се барем 1.100 станбени единици. Ваквата проста математика повлекува сериозни прашања.

20200719_132944_resize

Тетово – силување на градското ткиво

Дали воопшто постои проектна програма и ако постои врз основа на каква анализа дозволува олкав број на нови станбени единици само во еден плански опфат?  Дали Тетово реално има потреба од олкав број на нови станови само во овој опфат? Зошто ваквите дилеми не се одговорени во текстуалното образложение на ДУП-от?

Или, ако одиме пошироко, колку нови станови се предвидуваат насекаде низ градот? Дали некој има направено студија и анализа, колку од постоечкиот станбен фонд во Тетово е на продажба? Колку од становите градени последните две децении сѐ уште немаат најдено сопственик, сѐ уште се водат на име на инвеститорот и се невселени? Колку од новопредвидените станови реално ќе се продадат? Какви се миграционите движења? Со каква стапка расте бројот на жители во Тетово, и дали расте воопшто? Дали Тетово расте со таква брзина со која некој може да го оправда ваквото силување на градското ткиво?

4_resize

Пописни податоци нема, релевантен ГУП исто така, а некој се дрзнал во град со едвај 65.000 жители и илјадници (привремено?) отселени, во рамките на само еден плански опфат да истурка постапка со која се предвидуваат 1.100 нови станови, или преведено во жители – околу 4000 нови? Дали Тетово и Полошката Котлина имаат капацитет истите да ги населат? Ако да, што ќе значи тој нов број на жители за градот, за неговата инфраструктура? Што ќе значи за постојните сообраќајници кои гравитираат во тој дел од градот, за постоечката водоводна мрежа, за постоечката канализациона мрежа, за капацитетот на одлагање на отпадот, за аерацијата на воздухот, за капацитетот на постоечките основни училишта, за капацитетот на градинките? Каков живот ќе имаат новите жители? Дали ќе имаат обезбедено место за децата во и онака полните градинки? Дали ќе можат да уживаат во парковско зеленило, дали ќе имаат терени за рекреација? Каква интимност ќе понудат некои од сомнителните (а сепак законски) дистанци меѓу зградите? Можеби ќе се мачат со слаб притисок на водата од водоводните цевки од и онака слабиот тетовски водовод? Постојат безброј дилеми.

20200719_152509_resize

А да не ги заборавиме и тие 80 000 m2 видливи од приложената табела кои се предвидени за голема трговска единица. Таквиот трговски центар дополнително ќе го отежне нормалното функционирање во овој дел од градот.

Земајќи ги предвид овие најважни отворени прашања, веќе беспредметно е да се влегува во конкретна темелна анализа на спорниот ДУП за параметри од типот на бројот на паркинг-места, површината на зеленило по глава на жител, евентуалното блокирање на карактеристичните ветрови, фреквенцијата на возила според претпоставени параметри, изложеноста на бучавата на становите на булеварот „Индустриска“, процентот на лошо осветлени станови итн. Дополнително, силно присутен е и впечатокот дека во Македонија речиси секогаш се планира согласно минималните параметри за секој еден планерски аспект, иако силно се препорачува да се земаат оптимумите, имајќи предвид дека градот е жива материја, и со планирање според оптимуми, а не според минимуми, планерот овозможува своевидна „резерва“ за иднината доколку развојот на планираниот сегмент од градот отиде во поинаков правец од првично предвидениот.

5_resize

Зошто ако се е согласно законите градовите ни назадуваат?

И, на крајот на краиштата, остануваат и неколку други, општи, пошироки дилеми: Како тоа, сѐ е по закон, сѐ е легално во поглед на урбанизмот, а градовите ни тонат во урбанистичка смисла? Зошто ако сѐ е согласно законите и процедурите, градовите ни назадуваат, квалитетот на животот е сведен на „паланечко“ ниво во кое нема ни култура, ни уметност, ни рекреација, ни здрава животна средина, ни нормална инфраструктура? Како тоа, сѐ е регуларно, и просечен истражен и судски орган не може да најде, потврди и докаже криминал во просечен македонски новокомпониран ДУП, додека истиот тој ДУП, заедно со десетици други го уништил градското ткиво, ги осакатил можностите за иден развој, и не го заштитил јавниот интерес? До кога со тоа?

Значи ние или си имаме работа со холивудски криминалци, шема од перфектни и перфидни алки во синџирот на градежната мафија, алки од најразличен профил: од градоначалници, инвеститори, урбанисти, проектантски и планерски бироа, советници, ревиденти, референти, службеници итн., штом и покрај сѐ, „по закон“ е постапувањето во урбанизмот, а градовите ни назадуваат.

6_resize

Или е тоа или законската регулатива која се однесува директно или индиректно на прашањата врзани за градоградењето, планирањето и манипулацијата со градежното земјиште се ужасни и полни со дупки. По сѐ изгледа дека ќе е некоја мешавина од двете. Ниеден закон не е идеален, но и таков каков што е, со своите дупки, кога не би бил грубо користен за криминална гимнастика со дупките од други закони, не би овозможил ваква ерозија на градовите. Само на криминално настроени умови им текнува да ги злоупотребуваат дупките и „сивата“ зона во законската регулатива, за разлика од чесните и прогресивни умови кои секогаш ќе гледаат да ги исползуваат законите за јавен интерес, воопшто не обрнувајќи внимание на тоа како одреден закон може да се заобиколи.

2_resize

ДУП-овите се само парчиња од „целото“

И, за крај, наместо поговор или заклучок, ќе изнесам една единствена констатација: Во Тетово, но и општо во Македонија, се соочуваме со т.н. „шнајдерски“ урбанизам. Ваквата кованица ја чув од еден мој постар колега, кого исклучително го ценам, и кој успеа со една единствена, ни малку вулгарна или навредлива придавка, да го долови сиот галиматијас кој ни се случува во урбанистичкото планирање. Да, тука имаме шнајдерски урбанизам. И ова не го изнесувам со намера да ја потценам, навредам, омаловажам или да ја поставам архитектонската или планерската професија над шнајдерската. Напротив, секоја професија си има своја убавина, тежина и одговорност. Но во случајов оваа кованица овозможи одличен опис, па ако сакате и паралела. Шнајдерот му зема мерка на човекот, има одредени претпоставени човекомерности, шаблони, шеми, постапки и чекори во моделирањето, кроењето, шиењето. Урбанистот не смее така едноставно, така простодушно, низ веќе повторливи и разработени шеми (особено веќе препознаени како нефункционални) да му пристапи на феноменот на градот. Секако, постојат класични процесни дијаграми кои треба да се следат, но освен повремено како наслови на глави во текстуалните образложенија на дискутабилните ДУП-ови (а под нив ископирани пасуси од претходни документации, со сменети податоци за односниот ДУП), речиси и да не забележуваме дека суштински постојат во планско решение.

Градот е жив организам. Деталните урбанистички планови се само парчиња од „целото“. А целото, си има свои болести, аномалии, состојби, предности, квалитети и потенцијали, кои мора да бидат земени предвид.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top