Експертите процениле дека неодамнешната експлозија во Бејрут имала јачина еднаква на една петтина од онаа предизвикана од нуклеарната бомба фрлена во Хирошима. Либанските власти брзо утврдија дека станува збор за експлозија предизвикана од амониум нитрат, ѓубриво кое било складирано во магацин на пристаништето. Тоа е широко употребувано ѓубриво во земјоделството. Но, оваа експлозија не е првата во историјата предизвикана од амониум нитрат, со катастрофални последици. Слични вакви експлозии се случиле во 1947 во Тексас Сити во Тексас, и во Оклахома Сити, Оклахома во 1995 година. Експлозијата во 1947 се смета за најсмртоносната индустриска несреќа во историјата на САД. Исто така таа е меѓу најголемите ненуклеарни експлозии во историјата. Се случила на француски брод кој носел 2.300 тони амониум нитрат наменет за земјоделците во Европа. Под дејство на покачена температура, се зголемила хемиската активност на соеднинението, а на крајот тоа резултирало со експлозија. Загинале сите членови на екипажот на бродот, како и речиси сите (освен еден) од пожарникарите кои се справувале со стихијата. Уништени биле над 1000 објекти во поширокото подрачје. Експлозијата зафатила и друг брод кој исто така носел амониум нитрат, што предизвикало уште една катастрофа со човечки жртви. Вкупниот биланс е 581 жртви, 113 исчезнати и над 5.000 ранети. Над 2.000 луѓе останале без своите домови. Материјалната штета е проценета на 100 милиони УСД, односно 1,5милијарди УСД во денешна вредност.
Во април 1995 во Оклахома се случува експлозија на камион со 2,2 тони амониум нитрат. На местото каде бил паркиран камионот, останал кратер широк 9,1 метар и длабок 2,4 метри. Една третина од блиската зграда била целосно уништена, при што загинале 168 луѓе, од кои 19 деца. Материјалната штета била проценета на 652 милиони УСД. Подцна е утврдено дека станува збор за терористички напад, а организаторите се уапсени и осудени.
Овие два примера, и секако последниот од Бејрут, треба да послужат како добра лекција за огромната уништувачка моќ на ова соединение, и секако за зголемување на безбедноста во поглед на складирањето и траспортот.