Насловна / Вести / Што после пандемијата?

Што после пандемијата?

Градовите се во центарот на COVID-19 пандемијата. Како што биле и за време на многу зарази во историјата. Овој вирус потекнува од пренаселен град во централна Кина. Се шири меѓу градовите и однесе најмногу животи во градовите. Затворени дома, ретко впуштајќи се во празни улици, повеќето од нас сè уште се изгубени во идејата како ќе изгледа урбаниот живот. Дали рестораните ќе преживеат и дали работните места ќе се вратат? Дали луѓето ќе патуваат во преполни автобуси? Па дури и дали ни требаат толку деловни објекти кога сите се на ZOOM? Размислувајќи така, идејата да се живее надвор од градот е одеднаш исклучително привлечна.

108576991_2655250924737158_207979200916578784_n_resize

Градовите напредуваат во можностите за работа и забава и бескрајна разновидност на достапни стоки и услуги. Ако стравот од болест стане новото „нормално“, иднината во градовите би можела да биде блуткава и антисептичка, можеби дури и дистописка. Но, ако градовите во светот најдат начини да се прилагодат, како што секогаш правеле во минатото, нивната најголема ера сѐ уште лежи пред нив. Урбанизацијата отсекогаш била посилна отколку заразните болести.

5_resize

ДА ГИ ТЕСТИРААТ ИДЕИТЕ

Пандемијата на коронавирус го трансформира градскиот живот. Ги преполни болниците, ја сруши економијата, го ограничи пристапот до јавните места, ја засили дигиталната инфраструктура, ги интензивира предизвиците за менталното здравје и ги принудува луѓето да седат дома. Во отсуство на вакцина, многу од овие пречки може да станат постојани. Градовите веќе се соочуваа со хронични недостатоци на приходи и буџетски дефицити и пред пандемијата. Сега приоритет е да се спасат животи, да се обезбедат основни услуги и да се одржи законот и редот. Ова е особено важно во градовите во развој во светот и неформалните населби, каде зголемувањето на цените на храната го зголемува ризикот од глад и социјални немири.

109679544_567498363932203_2626611260041914893_n_resize

Градските татковци веќе ги ревидираат урбанистичките планови за да се спречи следната пандемија. На краток рок, се воведува масовно тестирање и дигитално следење на контактите, поинакви објекти и јавни места за одржување на социјалното растојание и се зајакнуваат здравствените системи за справување со идните закани. Пандемијата исто така ги забрза и подлабоките и долгорочни трендови кои влијаат на градовите, како што се дигитализацијата на трговијата, движењето кон економија со безготовински средства, работа од дома и виртуелна испорака на услуги, како и „опешачување“ на улиците. Јавниот превоз, пак, се бори да го задржи транспортот без прилагодување кон мерките за физичко растојание.

11_resize

Оваа пандемија го истакнува квалитетот на управувањето со градот и обемот на нееднаквостите во нив. Исто така, им дава можност на урбанистите, планерите, архитектите и инвеститорите можност за  подобро изграден град. Многу од нив ги истражуваат начините за ревизија на урбанистичките планови, за да промовираат паметна густина и позелена инвестиција. Градовите се совршена подлога за тестирање нови иновации.

За промоторите на идеи за градови соодветни за пешачење, без загадување и возила, изминативе неколку месеци се отвори големо поле и досега невидена можност тие да ги тестираат идеите за кои долго време лобираа. Со рестриктивните мерки, поради пандемијата на COVID-19, се почувствува огромно намалување на употребата на улиците и јавниот транспорт.

108853945_199105908205918_254371078922352383_n_resize

Ширум целиот свет, градските власти применуваат  затворање на улиците за автомобилите, отворање на други за велосипедите и проширување на тротоарите, за да им помогнат на жителите да го одржат дистанцирањето од 2 метри, препорачано од глобалните здравствени власти. И, како враќањето на медузите во каналите во Венеција или фламингата кои летаат во Мумбаи, пешаците и велосипедистите излегуваат на места на кои претходно не се осмелувале ни да помислат. Многу градови експериментираат со разни мерки. Постојат многу придобивки од „ослободувањето“ на улиците за време на пандемијата. Охрабрувањето да се вози велосипед може да го намали преполнувањето во автобусите, каде што луѓето се борат да се оддалечат еден од друг. Воведени се и други урбани иницијативи со кои директно се контролира ширењето на вирусот. Градовите во САД, Канада и Австралија ги конфигурираа семафорите за пешаци, да не треба повеќе да ги допираат копчињата. Треба да се знае и дека, во многу случаи, многу пешачки премини се опремени со „плацебо копчиња“, кои немаат никакво влијание на вклучувањето на зеленото светло.

104294109_2623308914605718_8551149900897583340_n_resize

ДРЖИМЕ ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА (КОЈА ДОВЕДУВА И ДО СОЦИЈАЛНА) ДИСТАНЦА?

Не е уште јасно дали овие урбани интервенции ќе продолжат и откако ќе заврши пандемијата. Некои градови планираат нови ленти за велосипеди и трајно проширување на тротоарите и после рестриктивните мерки. Во други, властите посочуваат дека новите ленти за велосипеди може да станат постојани ако мерките „се покажат поволни“. Но, затворањето на улиците за автомобили за да им се помогне на луѓето што се доволно привилегирани да останат дома, да џогираат, не ги нудат истите придобивки за луѓето што ги користат тие улици за да се вратат на својата основна работа. Разговорите за тоа колку километри улици има отворено секој град е како на некаков натпревар, да се види кој град може да победи – наместо дискусија за она што навистина им треба на луѓето за кои улиците се есенцијални. Не значи дека градските власти не треба да преземаат вакви мерки или дека нивните жители нема да имаат корист од некои од овие измени, но бидејќи многу одлуки се донесуваат во рамките на оваа криза, па и претходно многу брзо, потребно е зрело размислување за резултатите. Во многу градови, земји, брзо се заборават придобивките од ослободувањето на улиците од возила, особено поради тоа што недостасуваат соодветни сообраќајни решенија и со самото ослободување на едните, се обременуваат други, па настанува сообраќаен метеж, особено во земји каде луѓето се исклучително врзани, или поточно се навикнати да користат возила, како на пример кај нас.

Animal-Foot-Print-Social-Distancing-Decals-NYC-Subway5_resize

Со други зборови, пандемијата послужи само како катализатор. Како и земјотресите, и коронавирусот ќе ги натераа луѓето да бидат претпазливи во врска со нивната безбедност во градот: заради блискоста со околните згради и соодветно, со другите корисници на просторот. Да се биде заедно, но посебно. И, градовите не се создадени само од социјални простори, и не сите жители сакаат иста работа. На луѓето им треба избор при користење на урбаните простори за да се чувствуваат безбедни и да бидат безбедни. Додека поголемите социјални простори се живописни, го поддржуваат јавниот транспорт и локалните економии, урбаните повлечени места ја применуваат идејата за просперитет и заштитеност: тие ги исполнуваат нашите психолошки потреби да набљудуваме и да бидеме дел од јавниот простор, додека се чувствуваме безбедно и подалеку од местото на настанот.

8_resize

Но, урбанистичкото планирање е долга игра во која промената е парцијална и потребно е време да се надмине наследството од минатите одлуки. Јавните простори и комфорот не можат секогаш да се прошират или повторно да се конфигурираат по желба. Фактот дека истите сили што нè зближуваат да споделуваме, да создаваме, создаваат и можност за зараза, е проблем со урбанизмот, стар колку и самите градови. Значи, ако гледаме кон наредните години, а не кон наредните месеци, како поинаку може вирусот, или обидот да се спречат идни пандемии, да ги преобрази нашите градови? Дали сè уште можеме да постигнеме поврзаност, комуникација, ако сите држиме физичка (која доведува и до социјална) дистанца?

1_resize

Прерано е да се знае што, доколку постои, може да се реализира. Но, секоја идеја сугерира дека практиката на физичко дистанцирање и вознемиреноста при споделување простори може да продолжи долго по тековната криза. Нашироко објавените упатства за растојание од 2 метри може да го редефинираат и распоредот и растојанието на новите јавни објекти. 2 метри би можеле да бидат новата единица што ја користиме кога размислуваме за градовите и јавните паркови, но и уредувањето на просторите. Сепак, идејата да се држат луѓето настрана се чини дека е во спротивност со традиционалната заложба што планерите ја ставаат врз интеракцијата меѓу луѓето. Урбанистите, архитектите, без оглед дали проектираат паркови или социјални станови, честопати ги потенцираат местата за сретнување како извор на дружење и градење заедница. Луѓето ги примаат своите пријатели, комшии, како дел од заедницата. Планерите зборуваат за фаворизирање пешачки улици – места каде што луѓето се движат, дружат, забавуваат, муабетат. Прашањето е: дали тие напори ќе продолжат или во која насока треба да се променат? Дали сè уште можеме да постигнеме поврзаност ако сите држиме физичка дистанца?

2_resize

Наместо да даваме решенија во оваа рана фаза, треба да се свртиме кон прашањата со кои веќе се соочуваат урбанистите. Многу се однесуваат на тоа како градовите, воедно и градските власти ќе управуваат со зелените простори, кои, во целост, треба да бидат повеќе ценети после оваа криза. Дали прекумерната урбанизација ќе запре во име на јавното здравје?

Зелените градови се очекува да бидат поотпорни на идните пандемии. Една студија на Харвард посочува за можна корелација помеѓу загадувањето на воздухот и веројатноста за умирање од COVID-19, додека италијанските научници пак открија вирус и на честичките кои загадуваат, па испитуваат дали загадувањето придонесува во неговото ширење. Нема уште конечни резултати. Но, доколку се појави конечна врска помеѓу загадувањето и вирусот, тоа навистина ќе ги смени правилата на игра кон зелено урбанистичко планирање. Тогаш, ќе можеме да речеме: ги редизајнираме нашите улици не само затоа што ни треба физичко растојание, туку затоа што треба да ја зголемиме веројатноста за преживување.

6_resize

ГУСТИНАТА ГИ ПРАВИ ОДРЖЛИВИ СИСТЕМИТЕ

Друго прашање кое се наметнува е и густината на населението. Стравот дека болеста се шири полесно во просторите со многу луѓе може да има влијание врз ставот на луѓето кон живеење во градовите. Многу луѓе веќе размислуваат за преселба во помали места како резултат на појавата на COVID-19. Просторот веќе не се пресметува во метар квадратен. Вирусот ги принудува урбанистите да го сметаат социјалното дистанцирање како начин на живот. Па, дали ќе има долгорочен притисок градовите да се шират нанадвор за да се намали популацијата во центарот на градот, останува да се види. Сепак, потенцијалното повлекување од градовите ќе чини. Густината ги прави одржливи системите за јавен превоз, го подобрува пристапот до јавните установи (вклучувајќи ги и болниците) и промовира иновации и креативност. Како архитекти и урбанисти треба да размислиме како да ги потенцираме придобивките од густината. Затоа што сега, уште повеќе од досега, секогаш кога некој ќе се обиде да изгради нови станбени згради, густината веројатно ќе биде првото прашање што ќе го имаат граѓаните. За потсетување, или запознавање, еден пример на живот во комплекс со висока густина: „Градините Амои“ во Хонг Конг, комплекс од 19 згради со висина од 30 до 40 ката со трговски центар, беше најсериозно погодената локација за време на избувнувањето на силниот акутен респираторен синдром (САРС) во 2003 година, со над 300 заразени луѓе. Во средината на 2003 година, властите откриле дека во проектот за одвод, во бањите не бил предвиден систем за повторно полнење на подните сифони со вода, дозволувајќи им на аеросолите, полни со вируси, да не истекуваат и да остануваат во бањите. Ова беше меѓу причините кои придонесоа за брзо ширење на САРС во комплексот. (Википедија, слободен превод) Во овој град, владата инвестираше многу во зголемување на капацитетите за справување со инфективни болести после епидемијата на САРС.

109017990_281456006425428_5563162363860547845_n_resize

Но, сè уште не постои јасен доказ што ја поврзува густината на населението со ширењето на COVID-19. Хонг Конг (кој е погусто населен сега отколку што беше во 2003 година, со тоа што во некои населби живеат повеќе од 60.000 луѓе на квадратен километар) многу поефикасно се справи со локалниот пренос на COVID-19 отколку поретко населени градови во Европа и САД. Податоците од САД, каде високите стапки на пренос во релативно ретко населениот Њу Орлеанс, на пример, го негираат тврдењето дека густината е опасна. Дали ја знаете вистинската причина зошто Сан Франциско, мал, но густ град, помина подобро од Њујорк во борбата против COVID-19? Бидејќи Сан Франциско, каде има по еден милијардер на приближно секои 11.600 жители, ги истера повеќето луѓе, изложени на најголем ризик од умирање од COVID-19, во предградијата многу пред да пристигне пандемијата.

10_resize

Дали, пак, употребата на јавниот превоз е значаен фактор во ширењето на COVID-19 е теорија, која сè уште се истражува. И додека, повторно, наодите остануваат далеку од конечни, недовербата кон автобусите забележува дека нивната употреба е намалена. Наместо нив, се очекува зголемена употреба на скутери и електрични тротинети.

108165409_613198202915949_4112929685789618053_n_resize

РЕАЛНА МОЖНОСТ ДА СЕ ПРЕИСПИТААТ ЈАВНИТЕ ПРОСТОРИ

Пандемијата може да има радикални и неочекувани ефекти врз архитектурата и дизајнот воопшто. Во минатиот век, санаториумите изградени за лекување туберкулоза беа инспирација за белата, клиничка естетика на модернистичката архитектура, а верувањето дека болеста може да се отстрани со сончева светлина, пак, влијаеше на проектирање кровни тераси и кровни градини.

Иако влијанието на COVID-19 е во рамки на шпекулација, веќе се наѕираат куп иновации.

Голем број урбани поборници го користат коронавирусот како можност да ги забрзаат нивните претпандемични агенди, кои ги игнорираат прашањата што го направија COVID-19 покатастрофален отколку што требаше. На пример, најверојатно, нашироко ќе се усвои употребата на автоматски врати. Или сѐ попопуларното урбано земјоделие ќе понуди ослободување од заканата од празни полици по супермаркетите, на што бевме сведоци во последниве месеци. Или можеби ќе се инсталираат монитори на канализацијата, која ќе се користи за инспекција дали и каде одредени болести се шират меѓу градското население. Наплив од идеи…

Без оглед на одржливоста на ваквите предлози, постои многу оптимизам дека оваа криза може да го подобри начинот на кој се проектираат и живеат градовите. Политиката ќе одигра голема улога во оплодувањето на идеите. Секако, пандемијата создаде реална можност да се преиспитаат јавните простори.

107841963_315131546312235_7453567371365994563_n_resize

Но, исто така, голем е процентот на граѓани кои секојдневно повторуваат дека коронавирусот не постои, како некаква мантра што, ако се повтори доволно, ќе го натера коронавирусот да замине, за да можеме сите да се вратиме на животот претходно. Тоа, ниту е возможно, ниту пак ќе се случи набрзо. Многу практики, нашето однесување кон другите, кон градот воопшто, се менуваат и ќе мора да се соочиме со новото секојдневие. Оваа криза е можност за ремоделирање на градовите. Не само истата да се преживее, туку и да се создаде можност за наредните децении.

Како архитект, тешко ми е да признаам дека често и не ни требаат комплетно нови идеи за да ги подобриме нашите градови. Но, за жал, некогаш изгледа ни е потребна криза.

3_resize

ГРАДОВИТЕ НЕМА ДА УМРАТ

Долгорочните влијанија на коронавирусот врз нашите градови е тешко да се предвидат, но едно е сигурно: градовите нема да умрат. Историјата покажува дека болестите биле многу влијателни во обликувањето на нашите градови. Градовите претставуваат континуитет без оглед на кризите – тие траат, се прилагодуваат и растат. Кога ќе можеме да се вратиме на нашиот стар живот, ќе се вратиме на познатите рутини и нашите спомени за полицискиот час и изолацијата ќе почнат да бледеат. Додека нашиот недостаток на меморија е дискутабилно еластичен ресурс, урбанистите и планерите имаат долготрајна улога во обезбедувањето на здрав живот во урбаните средини. За борба против заразните болести на градовите им треба добро проветрени урбани простори со добар пристап до сончева светлина.

Улогата на урбанистите и планерите е да создадат подлога за одвивање на животот на социјален и здрав начин. Редизајнирањето на нашите урбани простори, на начин да се уверат корисниците во нивната безбедност и да се обезбеди избор на заедницата, не е праволиниски процес. Додека сега можеби само ќе сакаме да ги задржиме сите добри работи што ги имавме пред коронавирусот, решенијата на урбанистите и архитектите треба да го направат животот побезбеден долгорочно. Нашите одговори не смеат да бидат едноставни реактивни интервенции, како што се знаци на предупредување, ограда, пошироки патеки и слично. Таквите пристапи на крајот имаат импликации врз правичноста и квалитетот на животот.

7_resize

Оваа криза претставува можност да се воспостават безбедни, еластични и здрави урбани простори. Потребен е значителен ангажман во заедниците, кај проектантите и градските власти сега, пред колективната амнезија околу проблемите и загубите со COVID-19 да се вдоми и ние повторно да му се вратиме на бизнисот, како и обично.

Многу работи, кои порано не беа возможни, сега стануваат реалност и потреба. Градските татковци да не го чекаат крикот на граѓаните. Да го заштитат секое дрво што живот значи. Да се погрижат урбанизмот и архитектурата да обезбедат пристојни, безбедни градови и благосостојба за граѓаните. Време е да се одважат и да бидат смели!

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top