Утре, во куќата на Робевци во Охрид ќе биде отворена изложба на експонати која е дел од проектот „Допри ја културата – почувствувај ја уметноста“ ,а чија цел е да се придонесе кон подобар пристап и вклученост на слепите лица и лица со оштетен вид до просториите со постојните музејски збирки во Охрид.
Проектот се реализира согласно договорот склучен помеѓу Н.У. Завод и Музеј Охрид и Шведската организација, а во соработка со Здружението на слепи лица од Охрид.
„Кон успешното спроведување на проектот, со свое учество на одржаните обуки, придонесоа и повеќе вработени во НУ Завод и Музеј Охрид, како и лицата со оштетен вид од охридското здружение и волонтери. Во првиот дел од проектот се организираше обука за изработка на тактилни слики и мапи со предавачот Татјана Мијатовиќ од Националниот Музеј на Босна и Херцеговина во Сараево. Самата обука и изработката на сликите, мапите и информативните текстови за потребите на звучните водичи се одвиваше во текот на месец ноември. Резултатите од претходните обуки ќе се презентираат на оваа изложба со помош на примена на современи технолошки средства за изработка на тактилни слики и аудио водичи за слепи лица и лица со оштетен вид, изјави директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска.
Проектот е во партнерство со Шведската организација „Културно наследство без граници“, финансирано од фондацијата „Ставрос Ниаркос“, преку повикот за доделување на грантови од „Балканската музејска мрежа“, повикот за мали грантови од 2013.