Последниот извештај на здружението Renewable UK открива дека Велика Британија го задржала водечкото место во секторот на користење на енергијата од ветерот на море. Во текот на последните 12 месеци, бројот на такви проекти, без оглед дали станува збор за оние кои веќе се во експлоатација, или во фаза на изградба односно проектирање, пораснал за 30%, од 122 на 159 GW. Ова претставува дури една четвртина од капацитетот на сите светски „офшор“ ветерни електрани. Второпласирана е Кина, во која вкупната моќност на „офшор“ ветерниците изнесува 19,3 GW. Забележен е пораст од 60%, со 12 GW, што резултирало со нејзиното „искачување“ на скалата, бидејќи во претходното рангирање била четврта. САД го задржале третото место, а моќноста на ветерот на море е зголемена од 15,7 на 17,8 GW. Со незавиден напредок од само 68 MW, Германија паднала од второто на четвртото место, одржувајќи се на околу 16,5 GW. Тајван останува петтопласиран, а претходната година земјата забележала зголемување на капацитетот на „офшор“ постројките од 28%. Понатаму следуваат Холандија со инсталиран капацитет од 11,3 GW и Ирска која забележува одлични резултати во енергетската транзиција. Имено, оваа земја бележи раст на овие капацитети од 156%, односно од минатогодишните 3,2 GW на 8,2 GW оваа година. На осмото, деветото и десетото место се Полска, Данска и Виетнам.