Кадри Селман, роден 1961 година во Охрид, е човекот кој од централното градско подрачје прави вистинска бајка, пишува порталот ohridnews.com. Вработен во Охридски Комуналец, Кадри секој ден го дотерува и обликува зелениот појас на градскиот плоштад и кејот на начин на кој можат да позавидат многу побогати и многу попознати туристички дестинации во Европа.
„Убавината на неговите фигури се појави во нашиот фокус на 02 Април, кога во длабок снег го осветливме плоштадот со сина боја, во чест на лицата со аутизам. Едноставно, креациите на Кадри се уникатни. Очигледно е дека за вакво нешто се потребни многу умешност, трпение и љубов. Токму затоа одлучивме да направиме контакт, да му честитаме за самопрегорната работа и некако да го наградиме, во име на ЛК Лихнидос и во име на сите добронамерни Охриѓани“. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, член на клубот.
Кадри плени со својата скромност. Не побара ништо за себе, туку само нови ножици и мала машина за режење на огради, со кои ќе продолжи да го разубавува центарот на Охрид.
„Апелираме до градските власти да вложат напори и адекватно да го наградат Кадри Селман, кој од нас го доби прекарот ‘Микеланџело’.” – потенцираше проф. Тунтев.
Извор: www.ohridnews.com