Јаглерод диоксидот е добро познат предизвикувач на глобалниот пораст на температурата, но метанот кој има 28 пати посилен потенцијал во глобалното затоплување достигнал рекордна вредност во 2017 година од 596 милиони тони. Оваа вредност е за 50 милиони тони повисока од годишниот просек за периодот 2000 – 2006 година. Двата главни сектори, на кои научниците им го припишуваат испуштањето на метан се земјоделството и индустријата на фосилни горива. Во последните две децении, генерирањето на метан пораснало за 10%. „Животниот век на метанот во атмосферата е пократок од јаглерод диоксидот кој „лебди“ наоколу повеќе од половина век, и изнесува 12 години. Сепак, аналлизирајќи го уделот на единиците гас во ефектот на стаклена градина, влијанието на метанот е многу пати поинтензивно“, смета Меѓувладиониот панел за климатските промени (IPCC). Околу една третина од глобалните емисии на метан, потекнува од бактериите од мочурливи предели, додека ги разградуваат органските материи. Земјоделството и индустријата на фосилни горива имаат поединечен удел од помеѓу 20 и 25%. Стручњаците не пронашле никакви показатели за пораст на метанот од природните извори. Кога станува збор за вештачките извори, односно оние предизвикани од активностите на човекот, ситуацијата е драстично различна. Само во земјоделството емисиите се зголемени за 12%, првенствено поради зголеменото производство на црвено месо, а во индустријата на фосилни горива за 17%.