Вермонт е првата сојузна американска држава во која компостирањето на отпадот од храна е законска обврска. Прописот стапил на сила на 1-ви јули оваа година, и оттогаш граѓаните веќе не смеат да фрлаат отпад од органско потекло во канти и контејнери, туку во компостери. Тоа е последниот чекор во спроведувањето на тамошниот закон за рециклирање, донесен во 2012 година, а со цел намалување на количината на отпад на депониите и до 50%. Компостирањето претставува метод на управување на органскиот отпад со кој се овозможува негова безбедна и економична рециклажа.
Тоа опфаќа разградување на растителните и животинските остатоци во аеробни услови благодарение на микроорганизмите. Значењето на овој процес се рефлектира во две клучни работи:
– решавање на проблемот со отпадот од органско потекло
– се добива краен производ со подобар квалитет и поголеми вредности од почетниот материјал – компост, ѓубриво со висока содржина на хумус.
Според некои пресметки, интересирањето за куќните компостери кај локалните трговци, во текот на оваа година се зголемил за повеќе од двојно. Граѓаните ги купувале со цел подготвено да ја дочекаат примената на оваа одредба од законот. Постои решение и за оние кои не се подготвени даго прават ова во своите домови. Тие можат да го остават отпадот во над 100 станици за превоз и компостари ширум Вермонт.