Кожата направена од кактус може многу брзо да ја замени животинската кожа. Инженери и дизајнери од Мексико создале иновативен материјал кој е ефтин за производство, а чии карактеристики се скоро идентични со природната кожа.
Истражувањата за карактеристиките и можностите за користење кактусни материјали во модната индустрија започнале на една од плантажите во Мексико, а иновативниот производ е симболично наречен Desserto.
Од само еден кактус, можно е да се произведат стотици квадратни метри текстил за релативно кратко време. Креаторите истакнуваат дека не е неопходно да се сече целото растение за да се произведе материјалот, туку само постарите лисја, кои повторно растат за седум месеци.
Постојат многу причини зошто да се избере ова растение, а една од главните е дека површината на растението се чувствува иста како и животинската кожа. Исто така, од големо значење е што кактусот е многу тврдо растение, па освен високите температури и сончевата светлина, не бара посебна грижа.
Дури и лесен дожд е доволен за кактусите да растат без човечка помош, односно без изградба на системи за наводнување, така што заштедите се повеќекратни и што е најважно – нема трошење вода, што е од особено значење во сушните подрачја.
Производството и употребата на веганска кожа избегнува злоупотреба на животни, а последно, но не и најмалку важно – кожата на кактуси е 100 отсто биоразградлива, така што не остава штетно влијание врз природната средина. Наместо да се исфрла истрошена облека или додаток изработен од овој материјал, доволно е да се потопи во вода и да се остави неколку недели, по што буквално се распаѓа и се претвора во природно ѓубриво.