Архитектонската фирма Bates Smart го потпишува проектот на неодамна завршената станбена зграда „Collins House“ во Мелбурн, која е прогласена за најтенкиот облакодер во Австралија, а во светот е на третото место.
Интересно е што основата на зградата всушност ја сочинува зградата на Makers Mark од 1908 година, над која продолжува тесна стаклена градба, а потоа конзолно се шири 4,5 метри над друга 11-катна деловна зграда. Овој вид интервенција всушност е овозможена откако инвестициската фирма Golden Age ги купи правата на просторот над постојниот објект.
За изградба на таква специфична и компактна локација, Bates Smart се определи за примена на модуларни монтажни елементи за да се направи изградбата што е можно побрзо и полесно.
“Ова е првиот супер тенок станбен облакодер во Австралија кој е изграден со помош на модуларни компоненти. Со тоа решение се овозможи да се изгради на локалитет за кој претходно се сметаше за целосно неупотреблив“, вели Симон Свони, извршен директор на Bates Smart.
Компанијата за префабрикувања Hickory, развила градежен систем користејќи монтажни панели и компоненти за кои не била потребна искачувачка форма – платформа која се крева заедно со зградата.
Користејќи еден кран и дигалка, префабрикуваните подови биле подигнати на местото за само два-три часа. Секој кат се состои од под, со дебелина од 150 мм, префабрикувани затегнати греди, како и однапред монтирана фасада. Исто така, и скалите биле донесени од фабриката.
Според Bates Smart, за изградбата на секој кат биле потребни околу четири дена помалку во споредба со стандардната конструкција, а целиот процес бил намален од 40 на 30 месеци.
Основата на новата структура има форма на буквата X, со лифтови зонирани од страната, така што сите подови се ослободени од столбови во просторот.
Отворите на фасадата се формираат во форма на рибини коски и се истакнуваат со бели рамки од сите четири страни на кулата.
Низ 60 ката на оваа зграда организирани се 259 станбени единици, но тоа не е целата содржина. Клубот со теретана и спа центар е сместен на 27-ми кат, има тераса со бар на третиот кат, а во објектот има автоматски систем за паркирање за 108 возила, пишува Dezeen.