KONNTRA е младо архитектонско студио кое оствари исклучително успешни резултати во низа натпревари од областа на архитектурата и дизајнот. Основано е од Мирјана Лозановска, Силвија Шалева и Ерик Јуришевич, и е препознатливо по нивниот пристап со современ, карактеристичен и колоритен графички израз за презентирање на архитектонските проекти. Студиото е формирано во Хрватска, Македонија и Словенија. Желбата за меѓународна соработка на инспиративни и успешни архитектонски проекти доведе до создавање на ова архитектонско студио.
Карактеристично е тоа што како интернационален тим се обидуваме да прикажеме еден нов и поинаков начин на проектирање и реализирање на проектите. Она што е најспецифично во проектите е графичкиот израз. Обликувањето на визуелните прикази за секој проект поминува низ повеќе фази, сè со цел на крај да се направи и прикаже нешто уникатно и ново. Секој нов предизвик за нас претставува шанса за натамошно подобрување, како и доказ за успешна соработка помеѓу македонски, хрватски и словенечки млади архитекти.
За сите наши проекти можеме да кажеме дека се направени со иста количина на внимание, посветеност и ентузијазам. Тоа што доаѓаме од различни држави, растојанието и различноста помеѓу нас не е препрека, туку напротив, заеднички и тимски го искористивме како прилика, односно како позитивна страна да ги споделиме нашите различни гледишта кон архитектурата и да ги сплотиме идеите, сѐ со цел да се продуцира што е можно поквалитетна и уникатна архитектура.
ПРОЕКТИ
Особено важни проекти и доказ за одлична соработка и успех помеѓу македонски, словенечки и хрватски млади архитекти каде KONNTRA се квалификува како супертим и со фокус на меѓусебно надоградување ја достигнаа заедничката цел.
Од освоените награди, на реномирани архитектонско-урбанистички натпревари, дел од нив интернационални, би можеле да ги издвоиме:
1. Прво место – Архитектонски проект за Средно економско училиште и спортска сала во Вуковар, Хрватска.
2. Прво место – Архитектонски проект за Општинска зграда и уредување на централниот градски плоштад со подземен паркинг во Зеница, Босна и Херцеговина.
3. Прво место – Архитектонски проект за уредување Градски плоштад за традиционални занаети во Вараждин, Хрватска.
4. Четврто место – Архитектонски проект за Детска градинка во Загреб, Хрватска.
5. Прво место – Архитектонски проект за Олимписка патека за боб санкање лоцирана на планината Требевиќ, Босна и Херцеговина.
6. Второ место Архитектонски проект за Здравствен дом Загреб, Хрватска.
7. Признание од Македонската амбасада во Р Хрватска за постигнати големи успеси и примена на современи иновативни решенија во областа на архитектурата на територија на Р Хрватска.
Денес KONNTRA зафаќа повеќе локации во зависност од тековните проекти. Во моментов сме на релација Хрватска – Словенија каде работиме на завршни фази односно изведба на проектите на Средното економско училиште во Вуковар и уредување на Градскиот плоштад во Вараждин. Секој од овие проекти има различна и специфична приказна. Проекти кои ни се особено драги и нѐ по врзуваат со Хрватска, каде што и започна нашата приказна, на еднаква дистанца помеѓу нашите родни градови, Скопје и Порторож.
По укажаната прилика на Порта3, да се претставиме со проект кој е изведен од нашето архитектонско студио, се одлучивме да прикажеме проект кој за нас е исклучително важен како млади архитекти. Урбанистичко-архитектонскиот проект за уредување градски плоштад за традиционални занаети во Вараждин, Хрватска. Проект кој ни разбуди посебна инспирација, како при изработка на проектната документација, така и при изведбениот процес, севкупната соработка со корисниците, и трудот кој пред сè ние како архитекти го вложивме, за севкупен придонес на плоштадот во стариот дел во Вараждин.
Локација
Плоштадот за традиционални занаети во Вараждин се наоѓа во централниот дел на градот. Како многу важна точка што го засилува традиционалното производство на производи, таа бараше многу чувствителен пристап кој ќе го негува и зачува сегашниот идентитет на областа. Локацијата на плоштадот е на пресекот на различни видови објекти и активности; на северната страна е стариот град, од јужната и источната страна се станбени згради, додека на западната страна се наоѓа сакрален објект со исклучителна важност за таа област. Оваа локација веќе нуди еден вид традиционален амбиент, а тесните улици додаваат на посебниот шарм на местото.
Целокупното функционално решение и пристап за дизајн требаше да го потенцираат и зачуваат квалитетот на локацијата. Во програмата покрај урбанистичкото решение и поставување на урбаната опрема, секако како главен доминантен елемент на плоштадот беа позиционирани модуларни киосци, во кои е планирана продажба и презентација на традиционални рачни изработки. Задржувањето само на позицијата од постоечките модуларни киосци, во нашиот проект овозможија главен фокус, размислување и имплементација на нов модерен дизајн, на новопроектираните киосци и флексибилност која ќе обезбеди подобар простор за презентација.
Урбан концепт
Урбаниот концепт и поставеност ја збогатува врската помеѓу плоштадот како слободен простор и модуларните киосци. Одлуката за поставување мобилни киосци на југ и исток од постојните фасади е донесена со проценка на тековната состојба. Задржувањето на овие постојни позиции за киосците овозможуваат инсталирање на шест нови модули кои даваат една нова димензија на плоштадот, но го задржуваат карактерот на околината и се вклопуваат беспрекорно во неа. Отворениот централен простор на плоштадот е збогатен со поставување дрвја со средна височина како што се видовите: Gleditsia Sunburst и зеленило по соседните ѕидови Hedera helix- Ivy, што ќе создаде сенка за местата за седење и ќе им даде на корисниците повеќе удобен простор за престој и одмор. Дополнителните елементи од севкупниот дизајн на плоштадот, кои не се фиксни, овозможуваат целосна флексибилност во централниот простор, кој овозможува да се трансформира спрема потребите на корисниците, во зависност дали се одржува презентација, проекција, собир и сл.
Модуларни киосци
Мобилните модуларни киосци се поставени во линија на фасадните ѕидови од постоечките објекти на исток и југ. На тој начин се гарантира пристапност од која било страна. Модулот е поставен да обезбеди одлична визуелна комуникација помеѓу посетителите и трговците како производители на традиционалните производи. Секој модул има платформа како надворешно продолжение со соодветна висина што ја формира целата и ја потенцира линеарноста на модулот.
Модуларен киоск е дизајниран да се отвори од три страни, иако неговиот намерен распоред варира според морфологијата на околниот простор. Создадени се минимални волумени во форма на квадрат со димензии 240/240/240 сантиметри.
Со дизајнирање и избор на материјали и бои, главната цел беше да се вклопи во околината на градот. Модулите беа дизајнирани со цел да се постигнат различни атмосфери во различни периоди во текот на денот и ноќта. При отворање на самите киосци се дефинира сосем различна атмосфера, достапен е и видлив цел изложбен простор сè со цел истакнување и продажба на традиционалните производи. Додека пак кога е затворен во текот на вечерните часови, надворешната обработка со минимален дизајн и со живописна пастелно розова боја на материјалот на фасадата од дрвени табли се вклопува во околината. Надворешните елементи на модулот се многу важни. Платформата е планирана да биде поставена на левата или на десната страна, но има и можност да се постави на предната страна од модулот доколку е потребно. Покрај тоа, секој модул доаѓа со парчиња мобилен мебел што може да се поставуваат и да се преместуваат на платформата или на плоштадот по потреба. Всушност главен архитектонски потег е модуларноста и флексибилноста на овие објекти.
Урбана опрема
Во втората фаза за изведба која претстои и е планирана во наредните месеци, во тек на изработка се: урбаната опрема, зеленило и осветлување на плоштадот.
Урбаниот мебел на плоштадот се состои од монолитни бетонски клупи, линеарно поставени на плоштадот долж улицата, спречувајќи паркирање на возила, канти за отпадоци со завршна обработка од бетон се фиксираат периферно на точно дефинирани позиции.
Како еден од доминантните и важни сегменти од севкупниот дизајн на плоштадот е централниот елемент „витрина“, како елемент кој е централно поставен, изработен од челична мрежа со дополнителни позиции за дрвени кутии кои ќе овозможат изложба на производите. Таа точка претставува главно место за собирање на плоштадот, има за цел да ја едуцира јавноста за традиционалните занаети, создава простор за презентации и дизајни на производи и го промовира традиционалниот пазар на занаети.
За надополнување на севкупниот амбиент и концепт на плоштадот, предвидени се ѕиден елемент, односно мрежа долж постоечките ѕидови поставени во заднина на модуларните киосци, по кое е предвидено густо зеленило, и амбиентално осветлување, како што е прикажано на приложените визуализации.
* * *
Иако од различни земји на Балканот, со заедничка замисла и цели, како и со помош на денешната современа технологија, остварена е одлична комуникација и соработка. Проектите на нашиот интернационален тим и достигнувањата за краток временски период претставуваат успешна приказна која не завршува овде…
Од особена важност е нашето претставување на 17-то Венециско биенале 2021 за Унгарскиот павилјон. Проектот на темата „Othernity“, е првиот меѓународен проект на унгарскиот павилјон. Изложбата има за цел да покаже нов, колаборативен метод за преиспитување на заштитата на наследството. Павилјонот ќе се прикаже како изложбен простор поделен на два дела: едниот што претставува претстави од минатото и сегашноста, додека другиот дел предлага нови развојни перспективи.
Размислувајќи за тоа што е следно, секој ден претставува нов предизвик на кој му се радуваме, момент за споделување креативни мисли со кои нашата KONNTRA се надградува.
Автор: Мирјана Лозановска, дипл.инж.арх.